Средби меѓу градоначалникот и граѓаните на Берово за утврдување на приоритетите за 2020 година

Во Берово започна серијата средби со граѓаните на урбаните и месните заедници во насока на утврдување на приоритетните проекти за 2020 година. За таа цел досега се реализираа средби со граѓаните од улицата „7“ и жителите на село Двориште, при што, како што информираше градоначалникот на општината Звонко Пекевски, на средбите најмногу се разговарало за подобрување на инфраструктурата.
 
-Конкретно на последната средба која се реализираше со жителите на улицата „7“, разговаравме за реализацијата на проектот за „Изградба на пешачка патека и заштитна ограда покрај реката Брегалница“, кој ја опфаќа и оваа улица. Граѓаните изразија желба покрај кејот и кејските ѕидови, да се направи и дел од улицата, истакна Пекевски.
 
Во село Двориште, како што дополни, на средбата се разговарало за предвидените активности во 2020 година.
 
-Село Двориште се планира да биде во голема инфраструктурна експанзија во текот на наредната година. Таму ќе се градат четири крака на улицата од влезот во селото до таканареченото „Чурилско маало“. Во таа насока со жителите на селото разговаравме за опфатот на проектите, што е предвидено да се работи и посочено е во периодот на градба жителите да бидат стрпливи и да ги почитуваат правилата на инвеститорот, со цел да се избегнат несакани последици, рече Пекевски.
 
Во ова село во завршна фаза е изборот на изведувач за изградба на цевковод, кој ќе обезбеди чиста вода за пиење на жителите од ова село, додека според плановите на општината со поддршка на Јавното комунално претпријатие „Услуга“ во 2020 година за прв пат ќе се започне со собирање на комуналниот отпад.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*