Во Делчево одржана дебата за Студијата за прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје

Граѓаните да се свртат кон природата со цел да се искористат нејзините благодати за дополнителна заработка. Ова е само дел од заклучоците од денешната расправа по однос на Студијата за  валоризација на проектот „Осоговски планини заштитен предел,“ која денес беше на дневен ред на последната седница на Советот за развој на Источно-планскиот регион. 

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули кој присуствуваше на денешната дебата во Делчево, истакна дека на средбата се разговарало за критичните точки, кои би го нарушиле економскиот развој во Осоговскиот регион. 

-Тука зборуваме за една комплементарност помеѓу економските потреби, социјалните потреби, но од друга страна и заштитата на животната средина. Ние сме свесни за одредени подрачја кои пто имаат своја историја во делот на рударството, но светот оди во еден друг правец. Се повеќе може да се заработува од еко-системските услуги. Да потсетам дека во рамки на проектот за заштита на природата од страна на Швајцарската конфедерација се направи филмот „Медена земја“, има брендирано прозиводи и сакам да ја уверам јавноста, дека станува збор за заштитено подрачје од петта категорија, која нема да го спречи развојот, туку напротив ќе донесе повеќе услуги за граѓаните од овој регион, рече Макрадули.

Процесот, како што додаде заменик министерот се очекува да биде финализиран наредната година, а се со цел поголем бенефит за граѓаните.

– Ќе се обидеме до крајот на оваа година да помине таа информција на седница на Влада, таа информација потоа ќе биде на јавна расправа пред граѓаните и верувам дека во 2020 година ќе имаме позитивен резултат, дополни Макрадули. Што побргу го завршиме процесот ќе можеме да брендираме производи да бидеме поатрактивни за туристите. Со еден збор целта е како да најдеме дополнителен начин, односно од природата да може да се живее и да се заработува, дополни Макрадули.

Според претседавачот со Советот за развој на Источно-планскиот регион Благој Бочварски, по денешната дискусија разрешени се сите дилеми околу евентуалното загрозување на работата на постоечките кпацитети во Осоговскиот регион.

-Увидовме дека оваа анексна студија, односно истата студија со нови зони, намалени површини на заштитени подрачја, целосно ги иззема сите рудници и значајни капацитети и нема да направи никаков проблем на функционирањето на хидросистемот „Злетовица“, со сите нејзини фази. Токму поради тоа и министерствата за животна средина, економија и земјоделие дале позитивна одлука за оваа студија, со што не се нарушува работата на ниту еден капацитет. Ние како градоначалници ја потврдивме нашата претходна одлука, но со овие намалени површини, со што ќе им дадеме шанса на рудниците да продолжат да работат, но и на сите значајни капацитети во Источно-планскиот регион, рече Боварски.

Задоволство од денешната дискусија имаше и кај Драган Анастасов градоначалникот на Општина Пробиштип, која е директно засегната од целиот процес.

-Првичната предлог идеја кој беше дадена зафаќаше поголема површина, а на оваа седница се изземеаат оние граници, односно непречено ќе се одвиваат работите на нашиот рудник. Затоа дадовме подршка на овој проект кој се работи близу една деценија. Со прогласувањето на Осоговските планини заштитено пдорачје ќе  се даде дополнителен импулс за развој на тузимот во целиот овој регион, рече Анастасов.

Мислења и идеи на оваа тема денес разменија и претставници од рудниците кои гравитираат на подрачјето на Осоговието, експерти од универзитетите „Гоце Делчев“ и „Св.Кирил и Методиј“ како и претставници од хидросистемот Злетовица. Иницијативата за прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје е дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка како дел од Програмата за зачувување на природата.

Во продолжение дел од дискусиите на оваа тема:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*