КУД „Гоце Делчев“ – Фолклорен бренд кој 45 години е културно обележје на Делчево и македонскиот фолклор

Фолклорната традиција го носи во себе идентитетот на нашиот човек. Во фолклорот живеат нашите предци кои тврдоглаво и гордо го сочувале низ вековите во различни премрежја од македонската историја, за денес преку него да го следиме времето кое што одамна поминало, но оставило белег исткајан во фолклорот и пренесуван од колено на колено. Можноста овој аманет од старите да се овековечува, да се биде горд на своите предци, на нивната љубов кон македонскиот бит, да се пренесува на потомците и да се промовира низ светот, веќе 45 години ја имаат членовите на културно-уметничкото друштво ,,Гоце Делчев” од Делчево, македонски фолклорен амабасадор кој пред крајот на 2019 година со годишен концерт го одбележа својот значаен јубилеј.

Одговорноста за промовирањето на македонскиот фолклор е огромна, бидејки, како што вели Зенил Реџепов, човекот кој го издигна друштвото од анонимноста, македонскиот фолклор е богат со бои, со звуци со ритам и со чекори, богат каков што бил богат и духот на македонскиот човек.

-Тргнувајки од овие размислувања, одговорноста на нас како културни промотори на македонскиот фолклор, но пред се на пијанечкиот, е огромна и ни малку лесна. Во време на глобална прогресивна технологија, фолклорот ја губи битката, затоа ние почитувачите на фолклорот имаме сериозна задача, да направиме своевидна ренесанса на фолклорот, да им ја пренесеме љубовта кон традицијата на младите генерации, а пред се со голема љубов и ентузијазам сето тоа да го пренесеме на сцена пред публика промовирајќи го македонскиот фолклор.Генерации и генерации делчевски момчиња и девојки беа нашата гордост на сцените низ светот, беа амбасадори на македонскиот фолклор, давајќи му живот на Културно уметничко друштво Гоце Делчев од Делчево цели 45 години, вели Реџепов.

Како почитувачи на македонската традиција, 45 годишна традиција е скоро половина век работа, ентузијазам, неуморност, многу настапи, награди, многу генерации, многу благодети, но и неизвесности, додава Реџепов присетувајки се на првите настапи на друштвото.

-Стручно-педагошкиот пристап во изучувањето на фолклорот и силната работа и љубов кон фолклорот од страна на фолклористите за кусо време ги дадоа првите резултати. Имено за неколку месеци од формирањето во 1974 година, фолклорната секција беше подготвена да се покаже пред јавноста со својата кратка програма. Настапуваше на сите свечени академии. Потоа се формираше групата „Распеани делчевчани“ и заедно со фолклорната секција од училиштето прерасна во фолклорна група. Во 1977/78 година се регистрира во правен субјект Културно уметничко друштво ,,Гоце Делчев” Делчево. Како такво КУД „Гоце Делчев“ Делчево првиот јавен настап го одржа на 7 ми септември истата година во центарот на градот Делчево. Не случајно беше одбран овој ден, денот на градот. На овој свечен чин, сите членови на сцената беа распеани, разиграни, весели и среќни. Овој настан е незаборавен за генерацијата што ја имаше честа да го означи „раѓањето“ на еден ансамбл, кој подоцна ќе израсне во вистински амбасадор на македонскиот фолклор и гордост на Општината Делчево, раскажува Реџепов.

Градењето репертоар и кореографии друштвото го надоградува преку стилизираниот уметнички фолклор кој стручно-педагошки Реџепов го изучува по примерот на други еминентни професионални друштва и ансамбли од Македонија.

-По завршувањето на школата за фолклор во 1986 година од Културно просветна заедница на Македонија, членовите од КУД „Гоце Делчев“ Делчево, Снежана Стоименовска и јас Зенил Реџепов се стекнавме со диплома Стручни раководители на играорни групи и ја презедоа работата со ансамблот. Во 1988 година се здобив со титулата Стручен раководител и кореограф и сум назначен за уметнички раководител, а во 1994 година станав лиценциран уметник субвенциониран од Министерство за култура на Република Северна Македонија и еве до денес продолжувам со својата работа, додава Реџепов.

Културно уметничкото друштво Гоце Делчев Делчево денес брои 202 члена и претставува ансамбл кој манифестира високо креативно ниво и негува врвен артизам во сферата на музичкото поле. Многубројни се наградите и признанијата кои ансамблот ги има добиено на домашните и интернационални фолклорни сцени кои, како што дополнува Реџепов се потврда на квалитетите на друштвото.

-КУД „Гоце Делчев“ ја презентира Народната култура од Македонија преку обичаите, ората и песните, изведувани преку вокални групи, оркестрите, преку играорни групи поделени генерациски во Македонија, Бугарија, Србија ,Турција, Унгарија, Аустрија, Германија, Франција, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Кипар, Романија, Италија, Швајцарија и други. Од своето 45 годишно постоење друштвото одржало над 1000 концерти во Македонија и светот. Настапите со елеганција, во изворно обработениот фолклор, нагласената динамика, восхитувачки темперамент и мелоритмичка убавина со повеќе живописни носии и инвентивна кореографија со спектакуларни димензии, иако звучи нескромно, под мое уметничко раководство, придонесоа да се закитиме со многу признанија и први места, при што на повеќе фестивали сум прогласен за ,,лауреат”. Сите награди имаат своја приказна и сите ни се подеднакво драги и сите не обврзуваат на следниот настап да бидеме уште подобри, дополнува Реџепов.

Културно уметничкото друштво Гоце Делчев Делчево има значајно место во развојот и афирмацијата на културата и традицијата во Општина Делчево. Својот белег го остава 45 години со својата презентација на фолклорот и во рамки на одбележување на значајни настани и датуми од историското-културно минато, презентација на народната култура и традиција и активности од поширок општествен интерес, како на национално ниво, така и надвор од државата. Во тој поглед друштвото е организатор на реномирани манифестации на кои гостуваат голем број играорни друштва од земјава и светот.

-КУД „Гоце Делчев“ Делчево полни 44 години е организатор на манифестацијата „Делчево фест“ – Меѓународен музички и фолклорен фестивал и 14 години се јавува во улогата на организатор на придружна манифестација Пијанечко –Малешевска свадба во функција на туристичка понуда на регионот. Секоја година покровител на манифестацијата е градоначалникот на општина Делчево, а подржувач Министерството за култура на Република Северна Македонија кои исто така се и подржувачи на 45 годишниот јубилеј, додава за крај Реџепов.

Годината друштвото ја заврши со доделување на благодарници и дипломи за најдобрите, како во минатото така и во 2019 година. Од друштвото на сите граѓани на Македонија им ја честитаат Новата 2020 година и им посакуваат добро здравје и многу среќни моменти во периодот кој следи.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*