Делчевчани се организираат за помош на семејството Ивановски

Делчевчани се организираат за помош на делчевското семејството Ивановски чиј дел од куќа на улица „Првомајска“ во Делчево претходната сабота беше зафатена од пожар. Меѓу првите со поддршка за Ивановски излезе градоначалникот на општината Горан Трајковски, кој донираше електрични апарати за домаќинство на унесреќеното семејство.

-Денес го посетив семејството чија покуќнина целосно изгоре во пожарот кој го зафати првиот спрат од нивната семејна куќа. Бидејќи станува збор за двајца пензионери кои живеат сами, а како чин на хуманост и поддршка за нашите сограѓани, за што побрзо да ги санираат последиците од несреќта, одлучив да им донирам електричен шпорет, кој верувам дека во овој момент им е најнеопходен, рече Трајковски.

Апелираше до сите хумани граѓани, фирми, институции, да застанат рамо до рамо и заеднички да се сплотат и во рамките на можноста да помогнат за возобновување на нивниот дом по катастрофалната загуба која го снајде ова семејство.

Освен помошта на Трајковски, за внатрешно уредување на ѕидовите и плафонот во домот на Ивановски се понуди и пожарникарот Лоренцо Трајановски кој лично учествуваше и во гаснењето на пожарот.

Пожарот во семејната куќа на семејството Ивановски се случи пред два дена и благодарение на  брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица од Делчево се спречи пожар од поголеми размери. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*