Продолжува разубавувањето на фасадите на јавните објекти во Делчево

Мурал на кој стои грбот на големиот проект кој ќе обезбеди чиста вода за пиење во Делчево и државното знаме на донаторот Швајцарската Конфедерација, заедно со македонското знаме, од денеска ја краси фасадата на најстарата станбена зграда во Делчево.

Муралот е дело на уметникот Пепи Атанасов, со кое како што додаваат од Општината, продолжува разубавувањето на фасадите во централното градско подрачје.

-Последното прекрасно уметничко дело на нашиот сограѓанин Петар Атанасов е мурал кој е изработен во рамките на проектот ,,Водоснабдување на Делчево”, проект вреден 7,3 милиони швајцарски франци, од кои шест милиони се донација од Швајцарската Конфедерација, додека приближно 1,3 милиони швајцарски франци се од Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Делчево, информираа надлежните.

Во наредниот период, како што додадоа од општината, ќе бидат опфатени и други јавни објекти каде има потреба за обнова на фасадата.

-Претходно уметникот Пепи Атанасов работеше на уредување на општинската зграда, комплексот Делчевчанка, екстериерот и ентериерот на општинските основни училишта, детската градинка ,,Весели Цветови”, како и неколку колективни станбени живеалишта во централното градско подрачје, додадоа од Општината.

Минатата година општина Делчево му оддаде признание на делчевскиот уметник, кој со изложба по повод 75 години од ослободувањето на Делчево, одбележа 20 години од своето творештво.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*