Во Берово доделени 15 таблети на деца Роми за поддршка во онлајн настава

Во Берово доделени 15 таблети со вклучен интернет сообраќај од 10 ГБ, како поддршка на децата Роми, од основното училиште „Дедо Иљо Малешевски”. Активноста е дел од проектот „Подобрување на средината за учење на учениците во основното образование” кој е финансиран преку Ургетниот фонд на Ромскиот Образовен Фонд.

Директорот на фондот, Реџеп Али Чупи, на средбата со беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, истакна дека со проектот ќе им се овозможи на најзагрозените 222 деца Роми, вклучени во основно образование, полесно да ја следат далечинската настава.

-Децата се идентификувани од страна на парнерските организации „Сонце“ од Тетово и „Ромски Ресурсен Центар“ во соработка со основните училишта. Се работи за ученици Роми кои немаа можност, изминатиот период да следат настава. За таа цел Ромскиот образовен фонд на почетокот на пандемијата формираше Ургентен фонд, при што сите расположливи средства ги стави во функција на успешно справување со пандемијата, во делот на образованието, истакна Али Чупи.

Конкретно за Р.С Македонија, како што додаде отворен е одреден буџет, кој што ќе биде насочен во основното и средното образование.

-Целта на овој ургентен фонд е да се помогне на учениците да го надоместат пропуштеното од наставниот матерјал, во периодот од март до јуни, додека наставата се одвиваше онлајн, да им се помогне на родителите да ги запишат децата во повисок степен на образование и да се справат со новата реалност, во делот на користење на технички уреди и спроведување на онлајн настава, додаде Али Чупи.

Градоначалникот Пекевски истакна јавна благодарност за поддршката до Ромскиот образовен фонд и додаде дека општина Берово, во рамките на Програмата за социјална заштита, на почеток на учебната година ќе додели по 2.000 денари на сите првачиња, запишани на територијата на општината, како и на сите средношколци од прва година во средно образование, кои своето школување ќе го продолжат во Берово.

На ниво на Македонија ќе бидат доделени 650 технички уреди-таблети во повеќе градови во државата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*