Под посебен протокол за заштита од Ковид-19 денеска во Берово се одбележува „Денот на градот – 23 Август“. Свеченостите започнаа пред бистата на паднатите борци во НОВ од Малешево, каде свежо цвеќе положија делегации од политичкиот и јавниот живот во Берово, а пред присутните беше прочитан и реферат за значењето на денот.
Во рамки на свечената седница која се одржа по тој повод, беа доделени наградите на уечсниците во наградниот конкурс на тема „23 Август- светла иднина за Берово”.

-Наградите годинава заминаа во рацете на ученичките Јована Цикарска и Елена Ризовска, а во рамки на дневниот ред беа прочитани имињата на учениците и менторите, кои постигнаа големи резултати во учебната 2019 -2020 година, на кои заради пандемијата од Ковид-19 благодарниците и наградите дополнително ќе им бидат доделени. Исто така денес признание беше оддадено и на поединците кои во текот на изминатата година со своето залагање и работење, особено се истакнаа во општествениот живот, при што Плакета за особен придонес во развојот на општина, беше доделена на општественикот Благој Механџиски-Зегин, истакнаа од општината.

На свечената седница, пред присутните се обрати беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, кој честитајќи го денот, повика и понатаму да се продолжи со заедничката работа и реализација на многу нови проекти во насока на развој на Берово, додека пред присутните се обрати и Јагода Шахпаска, актуелниот пратеник и кандидат за функцијата Министер за труд и социјална политика во новата Влада, која во својот краток говор, го истакна значењето на 23 Август, давајќи посебен акцент кон почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

Во прославата на денот, за жал оваа година надлежните констатираа дека ќе недостига Етно плоштад фестивалот, кој поради пандемијата е одложен за наредната година.


Leave a Reply