Во Делчево настава со физичко присуство следат 425 ученици

Во трите образовни институции во Делчево 425 ученици следат настава со физичко присуство, додека 1036 ученици се вклучени во таканареченото далечинско учење. За таа цел во установите како што информираа надлежните спроведена е редовна дезинфекција во насока на спречување на појава и ширење на заразата со ковид-19.

Додаваат дека имаат набавено доволно средства за редовно извршување на дезинфекција во училишните простории. 

-Во насока на редовно извршување на дезинфекција, училиштата набавија и посебни пумпи. Дезинфекцијата се врши по однапред изготвен план и се опфаќаат сите простории во училиштето, велат надлежните.

Вршејки увид во работата на воспитно-образовни институции во Делчево градоначалникот Горан Трајковски на средба со директороте се запозна со организираноста и функционалноста на училиштата од почетокот на учебната 2020/21 година.

-Во текот на посетата и за време на средбите со директорите на училиштата разговаравме за реализацијата на онлајн наставата, предизвиците со кои се соочуваат училиштата, но и за наставата со физичко присуство и почитувањето на алгоритмите и постапката за евентуална изолација на заболен ученик. Училиштата мора да бидат подготвени и да постапуваат согласно насоките добиени од МОН и здравствените власти. Како Општина правиме сѐ што можеме за да обезбедиме непречен и безбеден воспитно-образовен процес, рече Трајковски.

Засега, како што додаде наставата во Делчево се одвива без поголеми проблеми и сите проблеми кои се јавуваат од техничка природа, се решаваат навремено. 

-Сепак, бидејќи се работи за здравствена криза и пандемија која се заканува на здравјето на секој поединец, уште еднаш ги повикувам и наставниците и учениците и родителите крајно сериозно да ги сфатат мерките за заштита од ковид 19, но и да бидат одговорни и да вложат максимални напори за непречено одвивање на наставата, додаде Трајковски.

Во Делчево учебната година во двете деветолетки и гимназијата ја започнаа 1461 ученик.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*