Во Пехчево презентирани резултатите од проектот за мониторирање на контаминираните почви

Во Пехчево презентирани резултатите од примената на иновативна методологија за мониторинг на контаминирани почви. Активноста се реализираше во рамки на завршната прес-конференција од проектот „Идентификација и мониторинг на контаминирани почви со користење на иновативна методологија“.

Проектот го спроведува здружението Амброзија од Пехчево чиј претседател Јасминка Пашалиска Андоновска информираше дека истиот се реализира во партнерство со Кластерот за обновливи извори на енергија од Благоевград.

-На конференцијата присуствуваа претставници од научни институции, локални власти, образовни институции, невладини организации, како и од приватниот бизнис сектор од регионот, кои имаа можност да ги проследат резултатите од примената на иновативна методологија за мониторинг на контаминирани почви, како и споредбените модели со резултатите од примероците кои се аналзирани со традиционална хемиска анализа. Присутните изразија голем интерес за понатамошна примена на оваа методологија во поширокиот регион за да се воспостави ефективен мониториг на почвите и континуирано да се следи состојбата, за што е потребна и поголема соработка меѓу сите засегнати страни, рече Пашалиска Андоновска.

Заради примена на мерките за превенција со Ковид 19, и неможноста за физичко присуство на учесниците од партнерската организација од Република Бугарија, во истиот момент паралелен настан се одржа во Благоевград, со онлајн поврзување на учесниците од двете локации.

-Со реализација на проектните активности сметаме дека ја зајакнавме соработката меѓу невладините организации, академските институции и јавните власти (локални, регионални и национални) во прекуграничниот регион на Бугарија и Северна Македонија како заедничка платформа за ширење на знаења и зајакнување на капацитетите и вештините на институциите кои се занимаваат со скрининг на животната средина и мониторинг, додаде Пашалиска Андоновска.

Проектот „Идентификација и мониторинг на контаминирани почви со користење на иновативна методологија“е поддржан од Европската Унија, преку Интеррег ИПА програмата за прекугранична соработкa помеѓу Македонија и Бугарија и се реализираше во изминатите 15 месеци.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*