Во Делчево започна дводневната работилница во рамки на проектот од областа на животната средина, кој има за цел градење на капацитети за Архуска конвенција во регионот Малеш – Пијанец. Како што информираше Родне Деолска од Регионалниот центар за застапување, темата на денешната работилница е правото до слободен пристап до информации како еден од најважните столбови на Архуската конвенција.
-Претходно одржавме две работилници, ова е трета работилница на која експерт ќе ги запознае присутните со правото до слободен пристап до информации согласно горе споменатата конвенција. Проектот„Животна средина, демократија и градење на капацитети за Архуска конвенција во регионот Пијанец – Малеш“ го почнавме месец јуни и ќе трае до крајот на годината. во рамки на истиот имаме спроведено две истражувања, едното е веќе завршено и тоа се однесува за локалните самоуправи од регионот и за Центарот за развој на Источно-планскиот регион за тоа кои стратешки документи од областа на животната средина се донесени во последните 4 години. Исто така истражувањето се однесува на тоа на колку од нив се направени стратешки оценки за влијание на животната средина и во колку од нив е вклучена јавноста кога се креирани како документи, истакна Деолска.

Второто истражување во рамки на проектот, како што додава Деолска, се реализира преку онлајн анкета, со цел увид во предзнаењата на граѓаните за трите столбови за Архуската конвенција.
-Само да појаснам дека станува збор за Меѓународен договор, кој што е донесен пред 30 години во градот Архус, меѓутоа од пред 15 години е вметнат и во македонското законодавство. Сите оние граѓани кои имаат било какво прашање или проблем во однос на законодавството со животната средина, може слободно да се повикаат на оваа конвенција, која инаку се заснова на три столба, кои се однесуваат на слободниот пристап до информации, подобриот пристап до правда и вклучување на јавноста во процесите на донесување на одлуки, додаде Деолска.

Помладиот соработник за аналитички работи во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер Горјан Гилевски, денес во улогата на експерт пред присутните, претстави дел од посебностите на законот, како еден од главните столбови на Архуската конвенција.
-Во целиот овој процес имаме иматели и баратели на информации, со што на присутните сакаме интерактивно да им покажеме како функционира Агенцијата, да се проанализира законот и да се развие заедничка дискусија со корисни практики за учесниците. Ова е нов модул на обуки, прва година на соработка ни е со Националниот демократски институт и се надеваме дека соработката и понатаму ќе продолжи, рече Гилевски.

Со цел приближување на оваа тема до граѓаните, до крајот на реализацијата на проектот од Регионалниот центар за застапување планираат и поголема промотивна кампања со телевизиска дебата и изработка на промотивно видео и материјали. Пaртнери на Регионалниот центар за застапување се здружението „Амброзија“ од Пехчево и еколошкото друштво „Здравец 2002“ од Македонска Каменица. Проектот е финансиран од Европската унија, преку регрант на Милиеуконтакт Македонија.
Leave a Reply