Една од најстарите библиотеки во Источна Македонија, успешно го пребродува периодот на пандемијата

Пехчевската библиотека „Кочо Рацин“ која е една од најстарите во Источна Македонија, успешно го пребродува периодот на пандемијата која не ја изостави работата на културните установи, кои речиси и да немаа промоции и други културни настани во период од шест месеци наназад. Сепак за пехчевската библиотека таквата ситуација значеше зголемување на бројот на читатели и подобрување на условите за работа во установата, која до пред извесен период егзистираше со влошени услови за работа, но по уредување на дел од нејзините простории прерасна во модерно катче, каде секој оној кој има желба да се надоградува во знаењето беше добредојден за посета на установата. Во таа насока старо-новата директорка Габриела Костадинова истакна дека работењето на библиотеката Кочо Рацин во услови на Ковид-19 донесе низа позитивни работи, меѓу кои и зголемување на бројот на читатели.

-За време на најголемиот пик на вирусот, градската билиотека во Пехчево не работеше, но тоа не значеше дека не работевме и ние вработените. Голем број од читателите во тоа време ми се јавуваа и ме бараа, јас ги снабдував со бараната литература, а кога повторно отпочнавме со работа, а тоа е негде од месец мај, зголемена е и посетата во установата. Притоа ги спазувавме сите тие протоколи меѓу кои и влегување исклучиво со маска, одржување на потребното растојание итн. Од друга страна времето додека траеше најголемиот пик од пандемијата, иако немавме културни настани, го искористивме за градежни активности во самата зграда на билбиотеката. Ги реноворавме старите и мувлосани простории, со што направивме една убава канцеларија со нови рафтови во магацинот, со нов мебел кој го обновивме, ставивме ролетни за подобра заштита на книжниот фонд, ја поправивме настрешницата која правеше проблем, така што овој период на пауза, за нас испадна и малку позитивен, рече Костадинова.

Библиотеката „Кочо Рацин“ како што додаде директорката периодот го користи за надокнадување на изгубеното време поради што активно се вклучи во реализиацијата на неколку настани како дел од одбележувањето на „Месец на книгата“

-Како што знаат сите од 15 октомври до 15 ноември секоја година се одбележува Месецот на книгата. По тој повод библитоеката организираше досега два настани, но тоа не значи дека овде завршуваме, туку ќе продолжиме и понатаму. Овој датум секогаш го одбележуваме со посета на најмалите, па така беше и овојпат. Во текот на оваа недела ги посетивме најмалите од деветолетката „Ванчо Китанов“ во Пехчево. Имаме две одделенија во прво одделение, а нашата цел беше да им посакаме успешен почеток на учебната година. Имавме интерактивен дел во кој читавме приказни, а целта меѓу другото беше да видиме колку можат овие деца кои уште не знаат да читаат и пишуваат, да ја перцепираат приказната која им ја раскажуваме. Одлично се снајдоа морам да ги пофалам поради што беа наградени. Во ноември месец имаме чествување за Иван Георгирев, починат лекар кој во минатото беше еден од поистакнатите лекари во градот, поради што од годинава името на здравствената установа во Пехчево ќе го носи неговот име. По тој повод  сакаме да реализираме настан со осврт за неговата работа. Потоа планираме да одржиме уште неколку креативни работилници со учениците од второ и трето одделение, додека по повод Нова Година планираме да распишаме поетски конкурс, со кој ќе бидат опфатени учениците како од основното така и во средното образование, додава Костадинова.

Директорката на една од најстарите билиотеки во Источна Македонија покрај раководењето со установата е и страствен писател и поет. Има освоено голем број на награди и признанија како во Македонија, така и на Балканот. Последната награда ја освои недомана во Белград и за Костадинова е доста значајна бидејки станува збор за огромно признание за нејзината работа.

-Тоа е едно навистина големо изненадување за мене, меѓутоа е мотив кој ми дава сатисфакција плус да пишувам и творам. Морам да кажам и тоа дека претходно во Белград на неколку конкурси што учествував, имам освоено златни медали. Имам освоено златни медали и во Битола, а имам учествувано и на конкурси во Бугарија, така што од оваа гледна точка, како поет, имам постигнато повеќе резултати. Во оваа насока мора да споменам дека нашата билиотека со членови на библиотеката учествувавме на конкурс во Лесковац, Србија преку библиотеката „Радое Домановиќ“ се претставивме во тр категории, се претставивме со ликовна творба, со кратко видео за омилена книга и со литературна творба. Конкурсот траеше до пред некој ден и се надевам на добри резултати, додаде Костадинова.

Таа на читателите пред претстојните зимски месеци им порача да читаат што повече книги за да ги надминат негативните вести кои ги опкружуваат секојдневно.

-Јас секогаш им препорачувам дека е најдобро да читаат, но книгата да ја имаат во рака. Тоа што понекогаш читаат преку интернет и компјутер не е толку опипливо, затоа велам дека треба книгата да ја имаат во рака, да ги почувствуваат страниците и верувам дека нашите читатели како најмалите така и повозрасните, ќе продолжат да доаѓаат во библиотеката, додаде директорката на пехчевската библиотека.

Во име на читателите таа најави дека во рамки на можностите на библиотеката ќе продолжи да ја набавува најактуелната литература од светската белетристика, се со цел библиотеката да го задржи реномето кое го има меѓу граѓаните на малото Пехчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*