Реакции на матичните лекари од Делчево и М.Каменица за закажувањето вакцинирање против сезонски грип

Со цел да се избегне селекција на пациентите на кои им е потребна вакцинација, а поради недоволниот број термини, делчевските матични лекари нема да ги закажуваат термините за вакцинација ставени од Мој термин за 13.11.2020. На денешната прес конференција на приватните матични лекари од Делчево, ова го истакна координаторот Соња Мавродиева Георгиевска, која ги извести граѓаните дека термините за бесплатна вакцина против грип за пациенти од Делчево и М.Каменица, што треба да се закажуваат преку матичните лекари, беа ставени доцна синоќа во вечерните часови по завршувањето на работното време, а вакцините се само за 13.11.2020 година.

-Поради ова сакаме да известиме дека беа ставени вкупно 30 термини за вакцинација, 20 за Делчево и 10 за М.Каменица, а ние во двете општини сме 17 матични лекари (12 во Делечво и 5 во М.Каменица), што значи дека имаме помалку од 2 термини по лекар. Ние матичните лекари повеќе од 30 дена стрпливо правевме списоци за вакцинација и покрај зголемениот обем на работа поради пандемијата со Ковид-19 и секој од нас матичните лекари има запишано на список повеќе од 100 (150) пациенти на кои им е потребна вакцина против грип, односно според списоците кои сме ги направиле повеќе од 2000 дози вакцини ќе бидат потребни за пациентите од Делчево и М.Каменица. За да не правиме селекција на пациентите на кои им е потребна вакцинација, решивме да не ги закажуваме термините (30 на број) кои се ставени од страна на Мој термин, рече Мавродиева Георгиевска.

Поради ова, како што додаде Мавродиева Георгиевска, заедно со директорката на делчевскиот здравствен дом матичните лекари ќе се потрудат да ја добијат планираната бројка на вакцини за пациентите од Делчево и М.Каменица, кои ги покрива заедничкиот здравствен дом.

-Ќе направиме напори согласно таа бројка да бидат вакцините правилно распоредени по матични лекари и целиот процес да биде успешно изменаџиран, со што ќе имаме доволно термини за сите пациенти на кои им е потребна вакцина. За да нема забуна кај пациентите, термините не ги ставаат матичните лекари, туку системот Мој термин, а матичните лекари ги закажуваат веќе ставените термини. Затоа не сакаме од брзи прсти да зависи кој ќе прима вакцина, а кој не и сакаме коректен однос кој безрезервно го нудиме, додаде Мавродиева Георгиевска.

Оние вакцини кои веќе се пристигнати, како што додаде директорката на делчевскиот здравствен дом ќе ги примат најзагрозената категорија пациенти.

-После оваа изјава ќе имаме состанок, на кој ќе се договориме прво најзагрозената категорија пациенти да ги примат вакцините, а потоа сукцесивно и останатите како ќе доаѓаат. Лекарите имаат списоци, ќе биде оставено сами да одберат, а понатаму сите матични ќе добијат исти можности за закажување термини, додаде директорката Глигоровска.

Во меѓувреме матичните лекари потенцираа дека вакцина против грип не штити и од коронавирус, поради што апелираа и понатаму да се почитуваат мерките, односно да се носат маски, да држат дистанца, да не се групираат и да мијат раце.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*