Спомен домот на Разловечкото востание, се уште ја очекува најавената реконструкција на кровот

Спомен домот на Разловечкото востание во делчевското село Разловци, се уште ја очекува реконструкцијата на кровот, која минатата година беше најавена од страна на Министерството за култура. Директорот на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево, Методи Толевски информира дека установата нема релевантни информации за текот на постапката која предвидуваше реконструкција на кровот на Спомен домот во Разловци. Во очекување на почеток на реконструкцијата, Толевски информираше дека во меѓувреме Центарот за култура има поднесено нов проект за реконструкција на внатрешноста во самиот Спомеn дом во Разловци.

-Нашата установа во моментот не располага со релевантни информации за јавната набавка за реконструкција на Спомен домот на Разловечкото востание, односно за предвидената реконструкција на кровот. Требаше да биде распишана јавна набавка, но навистина немаме информација до каде е постапката. Ние оваа година во рамки на конкурсот кој го распишува Министерството за култура, како дел од секторот за инвестиции, поднесовме нов проект, кој се однесува за реконструкција на внатрешниот дел од Спомен домот на Разловечкото востание, што ќе опфати санација на ѕидовите и внатрешната столарија, рече Толевски.

Ванчо Спасевски кој е првиот вработен во оваа установа, вели дека поради лошите услови во домот и пандемијата е намален бројот на посетители на домот, за разлика од порано, кога имало посетители од повеќе градови од државата.

-Спомен домот на Раловечкото востание е пуштен во употреба од 10 мај 1981 година, таа година јас бев тука прв вработен, потоа 10 години бев отсутен од селотo, но се вратив повторно тука на работа. Состојбата со Спомен домот не е добра и самите гледате дека е руиниран. Имаше некоја најава од Министерството за покривање на кровот, но најверојатно има некој проблем со набавката. Порано овде доаѓаа повеќе посетители дури доаѓаа ученици и од Велес, Штип, Скопје, воени пензионери од Скопје доаѓаа, но во последно време бидејки домот е доста оштетен што се вели нема што да се види, доаѓаат и сега но многу поретко, вели Спасевски.

Жителите повеќе од 20 години велат дека чекаат да се направи нешто за да запре неговот распаѓање. Очекуваат за почеток барем кровот да се среди.

-Имаше најава за кровот, се нафаќаа повеќе пати но уште нема ништо, вели жител на селото.

Спомен домот на Разловечкото востание кој е дело на архитектот Георги Константиновски располага со библиотека, изложба посветена на Разловечкото востание, сала и три канцеларии. Архитектот пред неколку години го посети Спомен домот на Разловечкото востание и изрази надеж дека делото за кое некогашниот весник „Борба“ го награди за вклопување со селските објекти, ќе биде реконструирано.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*