Одржан онлајн-буџетскиот форум во Делчево

Во Делчево се одржа најавениот буџетски форум за 2021 година. Форумот, како што информираа од општината се реализираше преку онлајн апликацијата-зум, како една од алатките која има за цел поттикнување на граѓанското учество за креирање на буџетот за наредната година во услови на Ковид-19 пандемија.

-На онлајн форумот учествуваа претставници од месните заедници, од граѓанските организации како и претставници од бизнис-заедницата во Делчево. Активноста се реализира во рамките на процесот на изработка на буџетот за наредната година, на кој му претходеа и јавна анкета, како и писмено доставени приоритети од месни и урбани заедници од одржани состаноци. Целта на организацијата на форумот е одредување на приоритетните проекти за реализација за наредната година детектирана од граѓаните, а Општина Делчево почитувајќи го гласот и мислењето на граѓаните и анализирајќи ги приоритетите на граѓаните ќе ги предвиди за реализација, истакнаа од Општината.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски за самиot форум додаде дека истиот е одлична можност да се слушне гласот на граѓаните.

-Во изминатите три години се решија децениски проблеми, но има уште доста нерешени проблеми. Во развојната програма за 2021 година, главен аспект ќе дадеме на изградбата на современ градски пазар. Средства во висина од 7 милиони денари се обезбедени од Агецијата за финансиска поддршка и рурален развој, а уште 7,9 милиони се предвидени во буџетот на Општина Делчево за првата фаза, додека за втората фаза од изградбата за 2021 година се обезбедени дополнителни 14 милиони денари преку Источно-планскиот регион. Изградбата на градскиот зелен пазар е од најголем приоритет за 2021 година, но тоа не значи дека нема да градиме и друга инфраструктура, како улици, водоводни и канализациски системи, истакна Трајковски.

Додаде дека секоја година во буџетот се предвидуваат средства за реализација на најразлични програми, меѓу кои и програмата од областа на заштита на животната средина, од областа на културата, програма за односи со јавноста и промоција на општината, програмата за родова еднаквост, како и средства за поддршка на реализација на проекти на граѓанските и спортските клубови.

Во рамките на онлајн форумот беа презентирани актуелните и планираните проекти на Општина Делчево, како и предлог-рамката на буџетот за 2021 година, а во вториот дел од онлајн-форумот, учесниците ги претставуваа своите приоритети.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*