Во беровско Смојмирово ќе се гради фабрика за сушење овошје и зеленчук

Во Малешевскиот регион во кој се произведуваат годишно околу 1900 тони слива наскоро ќе никне нова фабрика за сушење сливи.

Инвестицијата е на компанијата БЕМАР ФРУТ ДОО, од Берово која во село Смојмирово започнува со ,,Изградба на фабрика за сушење на овошје и зеленчук”.

Инвеститорот д-р Зоран Кракутовски,  кој денес официјално започна со реализацијата на овој проект најавува нови вработувања на парцелата каде ќе се гради објектот во с. Смојмирово.

-Објектот, ќе се протега на површина од 1000 м2 и  ќе биде наменет, пред се,  за сушење на сливи. Сушарата ќе биде со капацитет од 10 тони, свежа слива, на 24 часа . На почетокот е предвидено вработување на 9 луѓе,  од кои еден технолог, истакна Кракутовски.

Покрај ангажманот на приватен капитал, како што беше истакнато на заедничката средба со беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, проектот финансиски е поддржан од мерка 3 на ИПАРД Програмата, преку Агенција за финансиска поддршка во земјодеството и руралниот развој.

Според предвиденото градежните работи треба да завршат кон крајот на месец август оваа година и веднаш потоа објектот да  започне со работа.

Упатувајки честитки за инвестицијата, градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски, истакна дека оваа инвестиција ќе значи многу за Берово, ќе придонесе за отворање на нови работни места и подобрување на квалитетот на живот,  а според него ќе има и голем придонес во локалниот економски развој. Општината како што додаде секогаш ќе ги поддржува ваквите инвестиции. Изрази надеж дека дека оваа инвестиција ќе охрабри и ќе даде поттик и мотив  и на други инвеститори.

Инвестицијата за преработка на сливи, ќе значи гарантиран откуп на сливата, за земјоделците,  во малешевскиот регион, како земјоделски производ, по кој на широко е познат овој регион, сигурен пласман и подигнување на земјоделските капацитети, за подобрување на локалниот економски развој.

Инаку според информациите на подрачната единица на МЗШВ во Малешевскиот регион, како што веќе спомевме се произведуваат годишно околу 1900 тони слива, а откупната цена на сливата,  минатата година изнесувала 12-14 денари.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*