Блиц интервју со Игор Иванов најпознатиот ,,backpacker” од Делчево

Текстот кој ќе го прочитате во продолжение е посветен на делчевецот Игор Иванов. Познат како ,,backpacker” кој често на својот фејсбук профил објавува фотографии од негови патувања во различни дестинации решивме да дознаеме нешто повеќе за овој начин на патување. Меѓу патувањата кои Иванов ги реализирал има повеќе рути. Една од тие е и рутата каде поминувал познатиот ,,Ориент експрес”, потоа многу места каде до скоро се водеа војни, претежно поранешни советски области кои малку им се познати на овдешната јавност.

delcevo365.mk: Oд каде желбата да се биде ,,backpacker” и да се патува низ сите тие места?

Игор Иванов: Мислам дека секој сака да патува, како и јас самиот, радозналноста е причината за тоа, од мал сакав да патувам и да откривам. Од многу мал почнав да ги посетувам селата во Делчево (пеш, велосипед, па и со запрежни коли 🙂 ) За жал, за време на студиите немав можност нигде да патувам, до тогаш имав посетено само три држави (Бугарија, Грција и Турција). Патувањата почнаа по завршувањето на факултетот, а до денес стигнав до некоја бројка од 40-тина држави.

delcevo365.mk: Како одлучувате која ќе биде вашата следна дестинација, се подговтувате ли однапред и што користите како дел од тие подготовки за да подобро ги запознаете тие места?

Игор Иванов: Финансиите се битен фактор за изборот на дестинацијата, а не километражата. Имало многу далечни дестинации кои чинеле поевтино, со споредба со некои поблиски. Практикувам “Backpacking”, тоа ти е вид на патување, поточно со ранец на грб, ем ефтино, ем независно патување. Информации користам од патувачки форуми на интернет, блогови за патување, а и понекогаш прифаќам и препораки.

delcevo365.mk: Какви превозни средства користиш за патување ?

Игор Иванов: До сега немам летано со авион, можеби некој ден (хаха).
Повеќето со автобус, некогаш и со воз, а понекогаш и автостоп. Само двапати имам користено брод, и тоа на Балтичко Море, еднаш Германија – Данска, а вториот пат Естонија – Финска.

delcevo365.mk: Иако ќе треба сигурно многу време може ли да опишеш едно твое патување еве да речеме по рутата ,,Ориент експрес”!

Игор Иванов:,,Ориент-експрес” е еден од најславните возови во историјата на железницата. Хронолошки, како се граделе пругите низ Балканот, така некои од нив станувале дел од рутите на “Ориент експрес”, за жал, денес возот е во прекин. Со комбинација на балканските рути каде минувал возот “Ориент-експрес”, парцијално имам патувано на некои од нив. На пример од Србија; рутата Белград – Ниш – Димитровград, па преку Бугарија со ноќниот воз од Софија до Истанбул, Турција. Друга рута ми е од Будимпешта, Унгарија преку Романија, Крајова до Букурешт до Русе, Бугарија па до Варна до Црно Море ја имам патувано и пругата Букурешт – Констанца во Романија, која била дел од рутата. Кога сме кај балканските железници, лани со специјал карти (ефтини) со воз, од Згреб, Хрватска до Љубљана, Словенија па до Ријека и повторно до Загреб. Едно интересно патување пред неколку години ми беше возот Сараево БиХ – Белград, Србија, пруга која пред тоа 17 години беше во прекин. Пругата Сараево – Мостар, БиХ е една од најубавите. Да не ја заборавам една најпознатите, а и најскапите пруги што била на југословенските железници е пругата Бар, Црна Гора – Белград, Србија. Исто и пругата Бургас – Софија, Бугарија, а има уште неколку…

delcevo365.mk: Во однос на тие Советски земји што ќе издвоиме од она што сте имале прилика да го видите таму, за какви ,,држави” се работи како го доживеа луѓето, културата, имаше ли некои проблеми при патувањето на граница имајки предвид дека во дел од тие територии е ризично да се патува?

Игор Иванов:Од некогашните 15-те СССР републики, а денес независни држави имам посетено само осум. Пред девет години, први од нив, ги посетив Балтичките земји; Литванија, Естонија и Латвија. Без никаков проблем, нема визна бариера т.е трите држави се дел од Шенген зоната. Патувањето го започнав од Софија, Бугарија со автобус до Вилниус, Литванија.Требаше и Белорусија, но заради потреба од виза и тоа од Амбасадата на Белорусија во Белград и не ја посетив, (од Вилниус, Литванија до Минск, Белорусија има некои 180 км)…Потоа, наредната година ги посетив Молдавија и Украина. Таа година Украина ги укина визите за македонските граѓани, а пак за виза во Молдавија, бев во Амбасадата на Молдавија во Софија…Визите се секогаш проблем, не само временски и финансиски, туку и многу папирологија. Па следуваа Грузија и Ерменија, за виза за Грузија бев до Конзулатот на Грузија во Трабзон, Турција, тоа е 1000 км источно од Истанбул. За Кавказот, слободно можам да кажам дека е еден прекрасен регион, со преубава природа, народот љубезен, држави со богата историја и превкусна храна. Минатата година, повторно го посетив Кавказот, и тоа го патував со воз, од Црно Море до Касписко Море. Од Батуми до Тбилиси, Грузија до Баку, Азербејџан.

delcevo365.mk: Сигурно има многу повеќе од овие доживувања оставаме на тебе да споделиш некои од поинтересните приказни кои си ги доживеал на тие патувања. Каде најрчесто престојуваш, запознаваш ли многу луѓе?

Игор Иванов: Секогаш престојувам во хостели, тоа се преноќишта со ефтини цени, каде гостите се сместени во соба со повеќе кревети, досега сум имал цимери од сите континенти. На секое патување си носам книга за читање. Кога ќе ја видат книгата, по што е на македонски јазик т.е на кирилица, а и името и презимето Игор Иванов – малку повеќе звучи руски, цимерите секогаш ми велеа;

  • ‘Раша’ (Russia) мислат дека сум Русин 🙂

delcevo365.mk: Голем љубител сте и на традиционалната храна, па да направиме една мала споредба за храната која сте имале прилика да ја пробате во тие различни земји. По што се издвојуваат една од друга?

Игор Иванов:“Jamón”(шунка) во Шпанија, Гулаш во Унгарија, Пица во Италија, ‘Качапури’ (тесто и сирење) во Грузија, “Würste”(кобасици) во Германија…Во Франција, имам пробано многу видови на сирења, таму го јадат после оброкот, го мачкаат на лепче, да се услади јадењето. Љубител сум на рибина чорба, а многу е повкусна кога се јаде покрај вода, на море или езеро.

delcevo365.mk: Период на пандемија е која сигурно влијаеше на твоите походи кон нови доживувања, но Македонија е секогаш тука и на фотографиите исто така се забележува дека годинава повеќе се преореинтиравте на посета на места од поблиското и подалечното опкружување.

Игор Иванов:Да, пандемијата си го направи своето. И пред пандемијата некои беа изолирани, но не значи дека за време на пандемијата треба да бидеме изолирани дома, со почитување на мерките и препораките може да се оди секаде во било кој град во државата, да се проба локален специјалитет во некој национален ресторант или пак на планина или езеро. Знам со шатор да отидам негде да кампувам, за време на пандемијата ги посетив трите најголеми езера во државата; Дојранското, Преспанското и Охридското езеро. Скоро бев и тоа за прв пат во Националниот парк Пелистер , исто така ја пробав и Светиниколската пастрамалија 🙂

delcevo365.mk: За крај ако има нешто што не кажавме, која би била пораката до сите ентузијасти?

Игор Иванов: -Ќе го цитирам Марк Твен: “За 20 години ќе бидете повеќе разочарани од работите што не сте ги направиле од оние што ги правевте. Затоа, подигнете ги едрата, исплови од безбедно пристаниште.; Истражувај – Сонувај – Откривај “

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*