Историјат за библиотекарството во Делчево

Се тече се се менува, само нејзиното величество книгата останува иста од вчера, денес и за утре. Од тука библиотеките се најбогатите ризници исти за сите генерации, непресушен вруток на исконска убавина. И во Делчево, библиотекарството има своја историја. Од некои стари фотографии, како и пишувани документи од анонимен учител од Берово, со името „Малеш и Малешево“, издадени од патеписецот од Јеремија, М.Павловиќ, зборуваат за првите корени на библиотекарството во Делчево. Во оваа работа помогнал и учителот од с.Тработивиште, Димитар Кушевски. Првата книжница, односно читална е основана во 1929 година. За ова постои една поштенска карта, како спомен за успешна работа на оваа читална.

Во Царево село, како што запишал учителот Димитар Кушевски, учителите од сутеренот на училишната зграда, направиле скромна сала, во која помеѓу 1924-1929 година, скоро секоја сабота навечер приредувале приредби со мали драмски дела и игранки. Еден дел од влезниците, ги наменувале за набавка на весници и книги за библиотеката, во чиј состав имало и читална. Со такви активности учителите создале разонода за себе, но во исто време вршеле влијание на националната свест на населението и го подигнувале неговото културно ниво.

Училишните власти воделе сметка и за набавка на книги за учителите и учениците, од кои го проширувале своето знаење. Во учебната 1928/29 година во царевоселската околија имало 9 библиотеки за учителите со 1383 книги, 6 за учениците со 692 книги и 2 народни библиотеки со 70 книги. Сосема е разбирливо што тие книги биле на српски јазик и се однесувале на српската историја и култура, бидејќи Царево село во тоа време било под српска власт.

Библиотекарството добива поголем подем по војната преку работата на народната библиотека „Светлина“ се до 1963 година, кога со решение на Собранието на општина Делчево, се основа установа за образование и културна дејност „М.М.Брицо“, со што библиотеката го губи својот самостоен субјетивитет, односно се припојува заедно со Работничкиот универзитет и кино-Брегалница.

Во седумдесетите години библиотечната дејност почнува да се развива и по селските населби. Работата се одвивала така што со автобус библиотекарите оделе по селските населби и ја вршеле својата благородна работа. Олеснување и новитет бил библиобусот кој бил наменет токлу за овие потреби и оваа дејност. Неговиот фонд бил околу 1000 книги што за ова време бил солиден фонд. Во 1992 година нашата библиотека успеала по пат на референдумско изјаснување да се издвои како посебна институција и се регистрира како посебен субјект Матична библиотека „Илинден“ – Делчево. Од тогаш, до денес таа работи како самостојна институција. Од 1994 година се преселува во нови сопствени простории во Спомен домот „АСНОМ“. Од тогаш и започнува непреченото развивање и осовременување на билиотечната дејност.

Линк до оригиналната објава:

https://www.facebook.com/390694841312196/posts/1290187388029599/

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*