Левица Делчево излезе со реакција и прашање упатено до надлежните „Каде завршија 100 илјади денари наменети за најдобрите средношколци“?. Во однос на кажаното приложија и фотографија од последниот извештај за пренамена на средствата, на кој според нив стои дека средствата ги нема, а оваа ставка е целосно реализирана.
-Во Програмата за социјална заштита за 2020 година, се издвоени 300.000 денари од Буџет на Општина Делчево за наградно патување на најдобрите 10 ученици од СОУ „М. М. Брицо – Делчево“. Поради пандемијата, патувањето е одложено и е предвидено да се дадат тие пари како еднократна парична награда на учениците. Како што стои во Извештајот за реализирање на програмата за социјална заштита по 30.000 денари требаше да им се поделат на 10-те ученици. На истите им се исплатени по 20.000 денари , а за останатите 10.000 денари нема забелешка во Извештајот дека се пренаменети и во истиот стои дека активноста е целосно реализирана. Ова значи дека 100.000 денари ( 10 ученици х 10.000 денари ) се исплатени од буџетот, а не стигнале до крајните корисници, а не се ни пренаменети. Каде завршија 100-те илјади денари од Буџет на Општина Делчево, предвидени за најдобрите 10 средношколци, стои во реакцијата на Левица Делчево.


Leave a Reply