Во тек обука за реонските инструктори од Делчево и Македонска Каменица

Во Делчево започнаа обуките за реонските инструктори кои ќе бидат вклучени во реализирањето на Пописот на домаќинствата за општините Делчево и Македонска Каменица. Александар Ефтимовски од Државниот завод за статистика информираше дека обуките започнале навреме и се одвиваат без проблеми.

-Денес во гимназијата „М.М.Брицо“, започна обуката за инструктори за претстојниот попис. За реонот Делчево и Македонска Каменица имаме 7 инструктори, од кои 5 од Делчево и 2 инструктори од Македонска Каменица. Обуката започна навреме без проблеми. Најпрвин инструкторите треба да ја поминат теоретската обука, а потоа почнуваме со практичен дел, кога тие сами ќе работат на апликацијата на нивните лаптопи, рече Ефтимовски.

Обуката за реонските инструктори кои ќе вршат попис за реонот на Делчево и Македонска Каменица е предвидена да трае три дена.

-По завршувањето на обуката за инструкторите во сабота тие ќе ги добијат своите лаптопи, по што во недела ќе можат да започнат со предвидената обука за реонските попишувачи, додаде Ефтимовски.

Согласно со податоците на Општинската пописна комисија за реон 2, односно за Делчево и М. Каменица, а врз основа на успехот од тестирањето, територијалната распространетост, правичната застапеност и социјалната структура, од пријавените кандидати избрани се 72 попишувачи, 7 инструктори и 7 резеревни попишувачи или вкупно 86. За Општина Делчево избрани се 52 попишувачи, 5 инструктори и 5 заменици- попишувачи, додека за Општина М.Каменица избрани се 20 попишувачи, 2 инструктори и 2 заменици попишувачи.

На тема попис денес со своја објава на официјалниот профил излезе и делчевскиот градоначалник Горан Трајковски:

Ме радува фактот што подготовките за спроведување на најголемата статистичка операција на која чекаме 20 години, се одвиваат без проблем во Делчево.

Согласно со роковите од денеска започнуваат обуките за инструкторите, по што ќе следува обуката на попишувачите, а во Општинската пописна комисија пристигна и потребната опрема, како и средствата за дезинфекција, маски и слично согласно со протоколите за заштита од ковид 19.

Во таа смисла очекувам успешен попис во Делчево, бидејќи податоците од Пописот се потребни за сите, на општината, на бизнис -секторот, на невладиниот сектор и на самите граѓани.

Општините можат да го планираат својот развој, да носат одлуки за:

– инвестициите (дали ќе градат станови, училишта, градинки, детски игралишта, библиотеки, амбуланти, домови за стари лица); – ќе можат да ги планираат услугите што ги даваат на граѓаните, ќе можат да ги планираат и правилно трансферираат буџетските средства со кои располагаат, а истовремено ќе имаат и основа за побарување повеќе средства, како буџетски така и од ЕУ- фондовите; Но, би сакал и да порачам дека бојкотот и неучеството во пописот е антидржавен чин, казнив со закон.

Повикот за бојкот е најлошата одлука што може да ја донесе некој политички субјект, бидејќи носи само конфузија меѓу граѓаните, сериозна штета за државата и ништо добро, ништо позитивно; повикот за бојкот е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект; Успешен попис е наша должност кон идните генерации. Пописот е граѓанска обврска утврдена со закон. Учеството во пописот задолжително и претставува одговорност на секој граѓанин кон државата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*