Квалитетен градинарски расад се произведува во делчевското село Полето

Во три фолии на само 2,5 километри од Делчево во село Полето, делчевката Сузана Стоилова произведува квалитетен градинарски расад за кој во моментот има голема побарувачка. Најбаран во моментот како што вели е доматниот расад „биф-беф“ кој е рана сорта, како и домашниот пипер. 

-Произведувам најразличен расад, од „биф беф“ проверена сорта на патлиџан произведен во фолија, потоа розев и црвен домат, до расад со млади краставички, тиквички за пржење и друг вид на раноградинарски производи. Годинава малку задоцни пролетта, но оние кои имаат фолии доаѓаат и најмногу бараат расад од патлиџан. Имаме исто и марула, првата берба ја продадов, сега оваа што ја гледате е втора берба. Располагам и со млад лук и кромид, кој исто така се бара, вели Стоилова.

Местото каде се наоѓаат нејзините фолии се на доста добра локација близу до градот, поради што пазарот најчесто го врши од дома.

-Имам редовни муштерии кои земаат секоја година од расадот бидејки знаат за квалитетот. Повеќе пазарот до дома ми оди зошто ме знаат луѓето кои бараат од се по нешто, но најмногу пипер и патлиџан. Расадот го пласирам и на градскиот пазар во сабота, каде исто така има голема побарувачка, но најчесто луѓето доаѓаат овде во село Полето да си одберат расад, додава Стоилова.

Делчевскиот производител на раноградинарски култури, додава дека пандемијата не влијаела многу на нејзината работа.

-Кој ја работи оваа работа мора да работи, во оваа работа нема пандемија, едноставно мора да се работи и затоа немаше некои проблеми во тој поглед. Инаку расадот е чист природен, без прскање со хемикалии, израснат со чиста природна вода, така што најверојатно затоа и луѓето повторно доаѓаат и купуваат, додава Стоилова.

Село Полето како што кажува и самото име е едно од селата во Делчевско каде домашното производство на градинарски и друг вид на земјоделски производи е најзастапено.

Поради ова луѓето најчесто произведуваат за домашни потреби, но и за поширокиот пазар во околината на Пијанечко-малешевскиот регион.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*