Граѓанската организација „Стела” донираше 30 книги од женски автори за потребите на ЈЛБ ,,Илинден”

Граѓанската организација „Стела“ преку најновата своја активност „Сподели авторка“, денес во Делчево донираше повеќејазични наслови за потребите на Јавната локална библиотека Илинден.

Целта на активноста како што истакна директорката Билјана Петровска е преку книги напишани на македонски, албански и англиски јазик во библиотеки низ земјата, да се зголеми читањето на литература напишана од жени.

-Навистина ми е многу мило што ЈЛБ „Илинден“ е една од библиотеките каде „Стела“ донира 30 книги. Им благодариме и се надеваме на идна соработка. Сето тоа морам да споменам го организиравме преку координаторот за еднакви можности при Општина Делчево, Сузана Петровска, истакна директорката на ЈЛБ ,,Илинден”.

Книгите откако ќе бидат обработени, како што додаде ќе се најдат на полиците на библиотеката и ќе бидат достапни до сите читатели.

Граѓанската организација „Стела“, како што истакна нејзиниот соосновач Сара Миленковска е граѓанска организација иницирана од група ентузијастки, кои сакаат да го подобрат пристапот до високо образование и економско омоќнување за жени и девојки во Македонија.

-Оваа иницијатива ја започнав преку мрежата „Стела“, на која сум соосновачка. Преку самото менторство бевме инспирирани да ИМ повеќе помогнеме на јавните библиотеки, со цел да го промовираме женското творештво во делот на феминистичката литература.

Успеавме да добиеме средСтва за 100 книги и денес во Делчево ја имаме честа да го донираме вториот пакет на книги на оваа библиотека. Претходно бевме во Битола, следно место каде ќе одиме е Струга и многу ни е важно оваа иницијатива да прерасне во поголема иницијатива, бидејки освен што ја реализиравме, во моментот се повеќе и повеќе луѓе се мотивираат да ни донираат дополнителни книги, пред се да ни помогнат со предлози на прекрасни авторки кои треба да бидат исто така вклучени во оваа иницијатива, рече Миленковска.

Изрази надеж повеќе да се користат библиотеките особено за време на пандемија, со што читателите ќе дознаат нешто повеќе за феминизмот.

Координаторката за еднакви можности при Општина Делчево, Сузана Петровска, Делчево додаде дека целта на оваа иницијатива е овозможување на бесплатен пристап до книжевните дела на жени писателки и до светската феминистичката литература во јавните библиотеки низ Македонија.

-Сподели Авторка, Share a Woman Author е иницијатива започната од Сара Миленковска, коосновач на мрежата„Стела“, која има за цел да ги доближи женските писатели и феминистичката литература до младите девојки во јавните библиотеки . Идејата започнала откако еден од менторите на Стела не бил во можност да најде таква литература во нејзината локална библиотека. За да го надминат овој јаз, неколку активисти и ментори на Стела се собраа да најдат начин да соберат дела од женската и феминистичката литература и да го донесат женското творештво во локалните библиотеки во некои од помалите градови низ земјата. Иницијативата започнала со повик за споделување книги кои ги имаме дома, додека се бара посигурен начин за обезбедување повеќе книги. Подоцна мрежата „Стела„ обезбедила финансиски средства за купување на такви дела, кои ќе ги донираат на библиотеките ширум земјата. Нивната цел е да соберат книжевни дела барем од 150 жени авторки, рече Петровска.

Поради ова Петровска изрази гордост што Делчево како град, а пред се делчевските читатели и корисници на ЈЛБ „Илинден“ ќе добијат 30 наслови од светски познати жени-авторки.

-Верувам дека во ова време-невреме, збогатувањето на книжевниот фонд на нашата библиотека и читањето книги од светски познатите авторки, барем малку ќе ни ги пополни празнините кои верувам дека сите ги чувствуваме од отсуството на меѓусебната комуникација и дружење. Оваа литература што денеска ја добивме верувам дека ќе ги пополни и празнините во литературата која се користи во образовниот процес, бидејќи реално гледано редовната литература која ја користат учениците и студентите е оскудна во однос на знаења кои би ја подигнале свеста кај младите за еднаквите можности на жените и мажите и свесноста за вградување на родовиот концепт во секој сегмент од животот, туку напротив таа литература се уште е полна со родови стереотипи и сексистички наративи. Ние како КЕМ сме свесни дека родовата нееднаквост е се поприсутна на Балканот па и кај нас и дека се поголем број на млади запаѓаат во страшни замки од кои нема кој да ги заштити, еве на пример како случајот „Јавна соба“, па оттука е и поврзаноста на КЕМ и на мене како координатор за еднакви можности , со овој денешен настан и соработката што ја остваривме со Сара и со мрежата „Стела“, додаде Петровска.

Стела ги поврзува жените и работи на креирање мрежи на солидарност, знаење и искуство. Станува збор за женска мрежа брои околу 100 жени менторки од најразлични области, каде млади девојки и жени може да се обратат за бесплатно менторирање во градење на кариерата во најразлични области.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*