
Во Делчево во тек реализација на проектот „Селектирај отпадни батерии, избери чиста околина“. Активноста заеднички ја реализираат Општина Делчево и друштвото за управување со отпад „Нула отпад“ и истата како што информираат има за цел едукација на најмладите за штетните последици од загадувањето на околината со електронски отпад.
-Преку овие активности сакаме да покажеме дека само преку еколошки ангажирани деца можеме да направиме промени во размислувањата и ставот на човекот кон природата и животната средина. Во реализацијата на проектот се опфатени ученици од деветолетките „Св.Климент Охридски“, „Ванчо Прке“ и детската градинка „Весели цветови“, информираа од Општината.
Во рамки на кампањата како што информираше заменик директорката на деветолетката „Ванчо Прке“, Маријана Стоименовска, децата преку видео материјал и едукативни флаери ќе се запознаат детално со потребата од селектирање на отпадот.

-Со цел оваа целна група да биде едуцирана и запозната со сите негативности и последици кои ги носат загадувањата на сè што нè опкружува од неконтролираното фрлање на електронскиот и електричниот отпад и начинот на кој треба да се постапува со него, дистрибуирани се постери, но и видеоматеријал кој ќе им биде проектиран и со кој на полесен и попристапен начин децата ќе се запознаат со потребата од селектирање на отпадот, најпрво, во најтесното опкружување-семејството, а потоа и во училиштата и пошироката средина во која живеат, додаде Стоименовска.

Во рамки на проектот „Селектирај отпадни батерии, избери чиста околина“ за учениците од двете деветолетки и детската градинка доставени се околу 500 садови за собирање отпад од батерии.
Leave a Reply