Прв ден од акцијата за чистење на Калиманско Езеро

Во Македонска Каменица во тек најавената акција за чистење на Калиманско Езеро. Тешко достапните места во езерото, кое се наполни со отпад по последните внежи во Пијанечко-малешевскиот регион се чистеа со моторни чамци, додека останатиот отпад го собираа учесници од повеќе градови на Источна Македонија. 

Најголемото загадување според организаторот Александар Дончевски доаѓа од дивите депонии и затоа апелираше да се работи повеќе на подигање на свеста кај граѓаните, со цел ваквата слика да не се повторува.

-Од наталожениот отпад кој доаѓа од Делчевско, Беровско и Пехчевско најмногу штета трпи животинскиот свет во езерото, од самиот отпад рибите може да се заплеткаат, може да влезат во шишињата, знаеме дека пластиката е канцерогена така што влијанието по животот во езерото е мошне штетно. Да ја искористам оваа прилика да ги поздравам сите кои дадоа свој придонес во денешната акција, рече Дончевски.

Претседателот на Спортско риболовното друштво „Шаран“ од Македонска Каменица, Горан Стоименовски ја поздрави акцијата, но напомена дека се работи за голем проблем, за кој е потребно суштинско негово решавање.

-Ја поздравуваме акцијата, но нема да учествуваме непосредно во истата. Со тоа ние сакаме да ја врземе оваа еколошка катастрофа со катастрофата од минатата година во септември кога имаше излевање на јаловина од рудникот Саса. И тогаш и сега ние „државата“ не ја гледаме присутна овдека. Значи ги нема надлежните министерства со нивните инспекторати, агенции, општински инспектори и комунални служби од регионот и слободно може да констатираме дека ништо не функционира. Може да поканиме некој од нив да дојде да ја констатира фактичката состојба и да преземе мерки, рече Стоименовски.

Препорача во наредниот период да се направи координативно тело, преку мапирање на местата со диви депонии кои редовно ќе се чистат. Најави финансиска помош за чистење на езерото и учество на закажаниот состанок на 18 јануари во М.Каменица, на кој подетално би се разгледале насоките за понатамошно справување со загадувањето.

Игор Жежовски од Општина Делчево додаде дека во акцијата активно учество зеле екипи од ЈПКД ,,Брегалница” и воедно апрлираше на зголемување на свеста околу загадувањето на езерото.

Зоран Рунтевски, претставникот на Ловната група од Пехчево, исто така посочи дека решавање на проблемот е можно само преку зголемување на свеста на луѓето и апелираше на преземање поактивни мерки за спречување на загадувањето во четирите општини Берово, Пехчево, Делечво и Македонска Каменица.

Поздравувајки ја акцијата, градоначалникот на М.Каменица, Димче Атанасовски ја поздрави акцијата, но како и повеќето посочи дека е потребна поголема грижа, со цел изнаоѓање на долготрајно решение за ваквата состојба со загадувањето на Калиманско Езеро.

-Покрај нашите служби кои ќе водат грижа за исфрлање на отпадот од водите на река Брегалница, мислам дека повеќе треба да водат грижа и од Министерството за животна средина, но и ние како локални самоуправи, рече Атанасовски.

Собраниот отпад чија количина ќе биде соопштена по завршувањето на акцијата, како што додаде организаторот, ќе биде транспортиран во Делчево. Акцијата за чистење на Калиманско Езеро според планираното продолжува и во текот на утрешниот ден.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*