Убиствата во Царевоселско од 1920-1930 (Објава на ЈЛБ ,,Илинден”

Објава на ЈЛБ ,,Илинден”

УБИСТВАТА ВО ЦАРЕВОСЕЛСКО ПРЕД 50 ГОДИНИ – С Е Ќ А В А Њ А

Белешките ги собрал нашиот покоен сограѓанин и професор Драган Арсовски.

Историјата на македонскиот народ и другите пишувани документи, јасно ја прикажуваат положбата на македонскиот народ под режимот на бившата југословенска држава и тежненијата на големобугарската боржуазија изразени и преку делувањето на врховистичко ВМРО.

Во периодот од 1920 до 1930 година судирите на интересите на двете соседни боржуазии и отпорот на македонското население доаѓаат до посебен израз на граничното подрачје што го зафаќа и Царево село. Луѓето кои се свидетели на тие настани, поголем број од нив се починати, раскажуваат за многу потресни моменти од животот на населението од ова подрачје во тие години. Сите тие ова време го карактеризираат со убиства, и терор врз недолжното население. Во тие години на целото подрачје на Царево село загинале најмалку шеесетина луѓе.

Во продолжение ќе изнесеме неколку живи сведочења за потресни слики од тоа време.Но за да се сфатат тие настани пред тоа , ќе ги изнесеме накратко, условите во кои настанувале.

По создавањето на новата СХС, режимот настојува да се зацврсти и во овие погранични краишта према Бугарија. Од друга страна. Тодор Александров ја активира на овој простор, од него и од Протоѓеров создадената неоврховистичка организација наречена ВМРО автономисти. Иако тие се прогласуваат за поддржувачи на старото ВМРО,со парола дека се борат за Автономна Македонија, брзо се разоткрива неоврховистичката суштина на таа организација и потпората на Александров и Протоѓеров ја имале од реакционерниот блок во Бугарија.

Александров настојува да ја зајакне организацијата на ова подрачје со формирање на месна организација во секое село, со формирање на околиска чета и самостојни одделенија за терор врз џандармериските пунктови и непослушното македонско и турско население.

На активноста на „автономистите“ на Тодор Александров, која во брегалничката област се карактеризира со низа насилства и атентати, Владата од Белград превзема посебни мерки и во 1923 година во Штип за велики жупан е поставен Добрица Матковиќ, искусен и доверен полицаец кој се прославил со својата жестокост. Тој ја засилува џандармеријата ги организира во одреди и групи бившите четници и војводи кои се одметнуваат од ВМРО, познати кај народот како контра чети или црни чети.

Во исто време Александров, Протоѓеров и Ванчо Михајлов се во левите снаги на ВМРО-припадниците на федеративнатаорганизација и ВМРО обединета, а и помеѓу самите себе во борбата за превласт. Така делувале и нивните чети и војводи.

И така во оваа гранично подрачје настанува невиден терор. Постојано тука крстосуваат четниците на „автономистите“, џандарите и контра четниците и сите бараат соработка, поддршка и послушност. Бараа печени кокошки, баници, пиење. Населението давало пасивен отпор, а за непослушност било казнувано со ќотек и ограбување па се до убивање без обвиненија и одбрана, без закон и судови. Давало отпор иако притисокот бил многу голем. Со измама и терор народот бил теран на братоубивствена борба со тоа што едните ги фаќале и со себе ги воделе џандарите, како застапници на власта, а другите ги земале и ги воделе четниците со сила и со лага дека се борат за самостојна Македонија.

Од многу невини жртви, по раскажувањата на живи учесници, ќе изнесеме само неколку.
Јордан Бојаџиски бил комита во старото ВМРО. Четниците на Александров го понудиле да соработува со нив, но тој одбил. Му испратиле писмо на секој жител на Грљани дека за организацијата треба да се даде данок од 12 лири. Јордан одбил иако знаел што може да го снајде. Одлуката била донесена без обвинение и суд. За непослушност, за соработка со властите, за не платен данок на организацијата и за пример на сите што ќе одбијат, Јордан е ликвидиран.

Во есента во 1924 година врските јавиле дека Јордан ќе оди по крава во село Истевник. На одредениот ден група четници се спуштаат по Голак до под селото Чифлик и фаќаат заседа, на патот за Царево село каде сега е фармата на земјоделско стопанство. Приквечерината кога се враќал Јордан со уште еден човек и кравата, тие го фатиле и го врзале. По ред го јавале до Голак. По неколку дневно мачење сам го натерале да си ископа гроб а потоа го убиле со нож и натерале некој овчар да го закопа. Тој селаник од Драгобрашта подоцна се нашол во затвор со некој царевоселец и му раскажал за мачењето на Јордан Бојаџиски од четниците. Џандарите пак разбрале за селанинот што бил натеран да го донесе писмото за данок на Јордан, и тие пак го ликвидирале него.

Ѓорѓи Димишков во 1920 година, со повеќе другари избегал од српската војска и се вратил во родното село Селник. Мотивот за бегство од војската бил затоа што пред доаѓањето на српската власт , тие веќе служеле во бугарската војска. Но престојот во Селник бил ризичен затоа што властите можеле да ги фатат и казнат. Затоа тој побегнал преку граница. Но Ѓорѓи не можел ни така да живее. Пред да отиде во војска тој се оженил со мома од Бигла. Решил да отиде да си ја земе невестата која отишла да живее кај своите родители. Еден ден тој со помош на четниците од организацијата на „автономистите“ тргнал по невестата. За тоа разбрале и џандарите и го пристигнале помалиот негов брат Ване, да каже кога ќе заминат. Ване подлегнал на притисокот и кажал. Во закажаната вечер во домот на невестата на Ѓорѓи во село Бигла, пред да дојде Ѓорѓи, се сместиле џандарите.Потоа дошла дружината на Ѓорѓи, за водач го земале селскиот пољак, кој бил и курир на организацијата. Дошло до судир при што загинал пољакот Стоица од Павлевци. Бегалецот останал без невестата. Откако четниците разбрале дека брат му Ване ги поткажал на џандарите го фатиле и го одвеле во селото Цера. Таму го натерале на една свадба да свири и пее и да игра цела вечер, а сабајлето го убиле. Четниците го убиле и татко им. Така цело семејство се растурило и изгинало за туѓи интереси.

Во тие години на каменичкото подрачје по зулуми и диверзантски акции бил познат Шарен Ампо кој водел самостојно четничко одделение. Во 1925 година, во еден есенски ден, неговото одделение се сретнало во Брегалница со џандармерска патрола при што дошло до судир. Во тој судир бил ранет еден од четниците, еден побегнал, а Шарен Ампо бил ранет, се се закрепнал во едни скали во село Дупница. За да го фатат џандарите донеле околу 50 луѓе во кои имало џандари, контра-четници, селани од околните села. Џандарите знаеле дека тој е многу вешт и ако се стемни може да им побегне па затоа настојувале денски да го фатат и убијат. Кога го повикале да се предаде, тој одговорил дека ќе се предаде само ако дојде Ампо од Калиманци да му помогне да излезе. Кога џандарите го натерале Ампо од Калиманци да оди , тој одговорил дека не смее затоа што тој го поткажал брат му на Шарен Ампо, па џандарите рекле дека го нема меѓу нив. Потоа побарал да дојде братучед му Велин од Дулица, под закана Велин морал да оди до карпите каде бил Ампо. Очевидци раскажуваат со колкав пламен и убави зборови се обратил Ампо кон својот роднина и кон селаните, чувствувајки дека тоа се последните мигови од неговиот живот. Потоа го убил својот роднина да сам си го одзел животот.

За да покажат дека тие немилосрдно се разрачунуваат со комитите, мртвите тела на Ампо и неговите другари ги донеле и изложиле во Царево Село, пред куќата во која пред скоро бил Општинскиот суд. Но тука поминал трговецот Иљо, што имал прекар Касапин, и на мртвите четници им ставил цигара во уста. Тоа стигнало до ушите на Организацијата и пресудата била донесена веднаш. Иљо да се испрати кај нив и да се ликвидира. Во еден пазарен ден кога група четници во Виница во Баба-рисиниот ан го убила омразениот контра четник Мите Суџукаро, и со коњи побегнале, на виничката река го сретнале Иљо трговецот кој слушнал за убиството и побегнал. Но бил фатен и веднаш убиен. Во тој момент неговиот осумнаесет годишен син кој му помагал во трговијата, ги опцул убијците, тие кога разбрале дека му е син веданаш и него го убиле. Очевидци кажуваат дека долго време на тоа место се црвенеела крвта на убиениот трговец и неговиот син, кој бил многу млад.

По 1925 година, џандарите заедно со контра четниците, ја зајакнале контролата над населените места во подрачјето. Тие почнале да делат пушки на некои селани за борба против четниците. Четниците разбрале дека такви пушки биле поделени во Разловци и Нов Истевник.Тие се разбрале со другите дека ќе ги чуваат пушкитеа нема да ги употребуваат против нив, но им останале сомнителни Спиро Пецунков од Нов Истевник и Теодосија учителот од Разловци.
Една вечер кога Спиро привршувал со печењето на ракојата и по собраната летина се спремал мирно да ја помине зимата, во неговиот дом дошле неканети гости. Го барале Спиро но го немало. Еден од четниците се качил на таванот од куќата да собере ореси, печени сливи и друго што ќе се најде за јадење. Барајќи јадење го нашол домаќинот скриен на таванот. Го фатиле му ја земале пушката и испратиле луѓе од маалото да кажат на војниците на караулата дека тие го одвеле Спиро. Го обесиле на Истевничкиот мост. Алармирани војниците веднаш тргнале во потера и виделе дека на мостот виси човек. Мислеле дека е четник па пукале во него после виделе дека е обесен. И така Спиро од четниците обесен а од војниците стрелан ни, ни крив ни должен ни на едните ни на другите, умрел. Новиот ден не го дочекал ниту Теодосиј учителот од Разловци. И тој вечерта бил убиен од четниците.

Во 1924 година група од 5 четници од околиската царевоселска чета на „автономистите“ била одредена да ги обиколи селата околу границата. Четниците минале преку Ветрен, Звегор, Габрово и Стамер каде ноќно време собирале селании што од страв морале да доаѓаат, раскажувајки им дека мора да ја помогнат борбата за автономна Македонија. Кога стигнале во селото Град, нив ги поткажал на џандарите Ќазим Амитов. При судирот бил ранет некој четник, а тоа значело дека мора да се убие Ќазим. Задачата требало да ја изврши четникот Билјар, кој исто така бил од Град. Билјар се облекол во булски алишта и отишол во Град, но неможел да го убие осуденикот туку само го ранил.

Убивале сите, убивале четници, контра четници, џандари.Џандарите и контар четниците ги убивале раководителите на Организацијата на „автономистите“ по селата. Така на пример тие ги убиле раководителот на организацијата од Грлана, Спасе од Звегор, Петко од Тодоровца и други. За соработка со организацијата од секое село е убиен по некој човек. За сметка на тоа пак, четниците ги убиле луѓето што ги бележале како соработници на власта. Од заседа го убиле кметот на Косевица кога одел на собор на Пантелеј, кметот на Саса го убиле на прагот од неговата куќа.

Во тие години со посебна активност се истакнувале контра четниците. Формирале чети и одделенија и го обиколувале теренот. Како поранешни четници тиа ги познавале четниците и нивните јатаци и кон нив се однесувале со посебна жестокост. Во селата над Делчево со посебна активност се одбележувал контрачетничкиот војвода Пандурски, кој прво бил во четата на Александров во горноџумајско, а потоа се одметнал и формирал контра четничко одделение.

На долните подрачја доаѓале контра четниците од Кочани. Пандурски убил повеќе луѓе од селата над Делчево, под изговор дека соработувале со Ванчо Михајлов и Александров. Познато е дека тој го убил и учителот од Панчарево, жители на Тработивиште и од други села. На крајот и тој бил убиен.

Во горноџумајско се пренела вест дека некое младо момче кое од порано го познавало Пандурски, убило некој од лутите противници на Пандурски и побегнало преку граница. Убиениот бил погребан со сите церемонии. Момчето побегнало во четата на Пандурски и бргу се стекнало со голема доверба. Дури жена му еднаш го предупредила дека лошо се однесува со нивните деца, но тој не верувал во тоа. Кога еден ден четата застанала да одмори кај Умлена, пехчевско, и кога сите заспале, новодојдениот ги извадил затворачите на пушките од сите четници и со неколку куршуми го убил на место Пандурски.

Останатите четници изрипале од сон, се фатиле за пушките но тие биле неупотребливи.Убил уште еден и побегнал преку граница.Подоцна се дознало дека тоа со убиството во горноџумајско било само мамка за да може Пандурски да го прифати момчето, кое било испратено да го убие него.

Во тие години почесто во својата активност четниците на Александров и Михајлов вршеле и масовни диверзии и атентати за да ја покажат својата сила. Од 1923 година кога српската власт превзема помасовни акции за прогон на нивната активност, тие како одговор на тоа решиле во секој град да се разруши по бекој објект и да се убијат видни луѓе. За Царево село било решено да се фрлат бомби во кафеаната на Спиро Икин кој бил бански веќник во Скопје. Задачата ја добиле тројца четници од овој крај, кои добро го познавале теренот и кафеаната на Спиро Икин. Задачата била извршена 1925 година. Атентаторите денувале кај Очипала, а вечерта преку бавчите се прибрале до кафеаната на Икин. Кога поголем број граѓани ги напуштиле дуќаните или се вратиле од работа од нивите и се нашле во кафеаната да си поразговараат, во кафеаната одекнал страшен екот на фрлените бомби преку прозорците.

Спиро кој требало да биде жртва останал жив, бидејки во тој момент не бил во кафеаната.Убиени биле неговите двајца браќа и уште тројца граѓани а уште 17 други биле потешко или полесно ранети. После масовното убиство на четниците во царевоселско е забележано во 1933 година. И тогаш „автономистичката“ВМРО вршела масовни диверзии со цел да докаже дека се уште е во сила. Една група од 5 четници се префрлила од задграницата и требало тие или преку свои луѓе да разрушат некој виден објект на ова подрачје. На некој свој соработник од Калиманци му дале задача тој или некој друг на некој верски празник да подметне паклена мина во црква или на некое друго место каде се собираат поголен број луѓе во Виница. Но тој ги пријавил и џандарите им тргнале во потрага. Враќајки се назад тие подметнале мина на мост на патот кон Бигла, со цел кога ќе наиде возило да се сруши мостот и да има жртви. Некое овчарче го забележало тоа и им кажало на џандарите и тие ја извадиле мината. Четниците ги смркнало а еден од нив бил и многу дебел и не можел да оди и решиле да денуваат во Курилово. Дебелиот го оставиле во еден боб во една градина, другите се скрили со литови од шума во некоја корија. Наклеветени од сопственикот на градината, џандарите дошле и ги убиле сите четници.

Од 1924 до 1928 година на ова подрачје се се засилува и активноста на ВМРО-Обединета, која има напредна ориентација и води координирани активности со КПЈ. На конференцијата на ВМРО-Обединета во Велес во 1925 година од Царево село како делегат учествува Велин Цеков. Од пунктот во Штип се раководерла и ВМРО-Обединета која имала своја мрежа и во царевоселско. За врска служел Моне Керлемов од Штип кој бил пратен да изучува шивачки занает кај некоја шивачка фамилија во Царево село. Откако џандарите разбрале дека тој се бави со курирска дејност пратила потрага по него.Тој се сокрил во еден бадем во визбата на Спасе шнајдерот. Го нашле и го повеле за Штип и кај чешмата во Дервено под мотивација дека сакал да побегне го убиле, а Спасе го затвориле заради соработка со тие што сакаат да го рушат системот.

Тоа се само дел од сведоштвата за едно немирно и несигурно време кога населението од овој крај заради туѓите интереси било доведувано во несигурност во имотот, во честа и достоинството и во голиот живот. Време кога не знаело што ќе му донесе новиот ден, кога со присила и лажни пароли било терано на братоубиствена борба, но и кога знаело дека сето тоа мора да го издржи и да го зачува својот национален идентитет и нашите традиции, за подобро и посветло утре.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*