Изложба на дела од македонски автори по повод Светскиот ден на мајчиниот јазик во ЈЛБ ,,Илинден”

Со изложба на дела од македонски автори, Јавната локална библиотека ,,Илинден” се вклучи во одбележувањето на 21 февруари – Светскиот ден на мајчиниот јазик. За таа цел, како што информираше директорката Биљана Петровска избрани се 5 наши автори, преродбеници и 5 современи македонски автори, чие творештво е претставено со слика, кратка автобиографија за нивното творештво и извадок од нивни дела, преку поставување нивни слики во просториите на библиотеката.

-Сите наши читатели ќе можат да разгледаат, научат, да се потсетат или прочитаат за сите нив. Македонскиот јазик во првата половина на 19 век се поклопува со просветителството, а тука се: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Теодосиј Синаитски,ние го ставиме и учебникарите Ѓорѓи Пулевски, Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Втората група се современите македонски автори. Во НОБ активно учество зеле голем број културни работници, меѓу кои и млади поети. По завршувањето на војната, се појавила првата поетска генерација, што ја сочинуваа: Ацо Шопов, Славко Јаневски, Блаже Конески. Ние ги ставивме и Кочо Рацин и Петре М.Андреевски. Овие слики ги поставивме сега, одбележувајки го светскиот ден на мајчиниот јазик, потоа овие слики ќе останат да ги красат ѕидовите на библиотеката, рече Петровска и додаде:

-Денес македонскиот јазик претставува целосно оформен, современ литературен јазик. Но, тоа не значи дека тука треба да застанеме. Напротив, треба постојано да се негува, да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Негувањето на сопствениот јазик значи постоење на еден народ. Младите генерации треба да се запознаваат уште од мали нозе со историјата и значењето на македонскиот јазик. Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, зборува и твори на Македонски јазик, кажа Петровска по повод Светскиот ден на мајчиниот јазик.

Во продолжение изјавата на Петровска и инсерти од изложбата:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*