Прва размена на ученици од Делчево и Пирот во рамки на проектот ,,Супер училишта”

Во Делчевската гимназија „Методи Митевски – Брицо“ во тек се активностите од проектот „Супер училишта“ во чии рамки се реализира првата размена со училиштето „Средна стручна школа“ од Пирот, Р. Србија.

Проектот е организиран од Регионалната канцеларија за соработка со младите (RYCO) и Германската организација за регионална соработка (GIZ), а во рамки на активностите од првата училишна размена, како што информираше директорката на делчевската гимназија Дијана Цонева ќе се реализираат серија обуки од повеќе области.

-Како училиште чувствуваме посебна гордост и чест што имаме ученици и млади луѓе што се подготвени за личен и професионален развој вклучувајки се во разни воннаставни активности. Програмските активности од самиот проект ќе се одвиваат во просториите на нашето училиште, преку серија на обуки организирани од страна на личниот координатор и надворешни експерти. Се надевам дека ќе ги реализираме успешно и ќе имаме успешна размена со учениците и професорите од училиштето од Пирот и соработката ќе продолжи и понатаму, истакна Цонева.

Желеанка Демирова, координатор во проектот истакна дека програмските теми за работа во рамки на првиот ден од активностите помеѓу двете училишта ќе бидат насочени кон културата и интеркултурализмот.

-Ова е нашиот прв ден за работа за програмските теми. Останатите теми се  „Градење на мир“ и „Насилството и решавање на евентуалните конфликти“. Освен тоа имаме и додатни вредности на проектот како што се кариерно советување, пронаоѓање на таленти преку работилници кои ќе бидат водени по предлог на самите ученици со главна цел поврзувањето меѓу двете училишта, рече Демирова.

За професорката Марија Чириќ, ваквите патувања во рамки на овие проекти ќе им послужат за поголемо запознавање со останатите култури.

-Најголема добробит од сево ова имаат децата, бидејки така учат најмногу. Нашата ,,Средна стручна школа” е меѓу најмладите во регионот, имаме два образовни профили, техничар за полимери и фризери, а од следната училишна година го воведуваме и профилот за маникир и педикир. Вкупно сме 140 ученици и сме како едно семејство, рече Чириќ.

Ученичката Христина, очекува со своите врсници од Делчево да споделат искуства на повеќе теми, додека Андреа Толевска од СОУ „М.М.Брицо“ преку проектот сака да научи нешто повеќе за нивната култура и да посети повеќе места како Пирот.

Во рамки на проектот на темата свое излагање имаше и експертот Зоран  Биковски, кој очекува преку истиот да се создаде една конфорна зона во која младите ќе се соочат со предизвиците, преку размена на нивните идеи.

-Целта е да креираат визија како заедно да творат и да останат на Балканот каде имаме мешање на култури и традиции. Младите се нашата сегашност, дали ќе бидат нашата иднина зависи од тоа колку ќе им обезбедиме услови да творат и да останат тука, рече Биковски.

Првата размена во рамки на проектот ќе трае до 16 април, а втората ќе се одвива во Пирот од 8 до 14 мај годинава.

Проектот е кофинансиран од Европската унија и Сојузното министерство за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија (BMZ).

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*