Блиц интервју со делчевскиот гитарист Дарко Тасевски

Гитаристот Дарко Тасевски од Делчево во последно време е доста активен на музички план, што беше причина да поразговараме за сето она што го работи, почнувајки од неговиот последен сингл, преку осврт на неговите претходни дела и плановите за издавање албум и она на што ќе се фокусира на музички план во иднина.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост разговорот со Тасевски:

www.delcevo365.mk: Последниот период од една година е доста активен за Вас, на вашиот канал на Youtube имате повеќе објави со различни музички мотиви. Започнуваме со она што е последно, а кое носи наслов Dreaming of Spain, што е карактеристично за оваа изведба?

ТАСЕВСКИ: Се работи за шпанска традиционална музика Фламенко, за што имам објавено и видео запис кој го претставивме пред вашата читателска публика. Ова ми е трет сингл, претходно ги објавив сингловите Андалузија и Gypsy Bridge (Циганско мосте). За овој стил на музика можам да кажам дека поретко се негува во Македонија, но целта ми е да ги запознаеме помладите со ваквиот начин на изразување преку свирењето гитара.

www.delcevo365.mk: Претходно имавте синглови со различни стилови на музика, за кои објавивте исто така и видео издание. Ќе го споменеме ,,Голачко оро” кое има над колу 20.000 прегледи на фејсбук и беше прифатено од публиката. Која беше вашата инспирација за самиот сингл ,,Голачко оро”?

ТАСЕВСКИ: За Голачко оро инспирација ми беше орото ,,Копачка”, сакав да направам спој на македонски рок со музички етно скали како легендарните Леб и Сол, Влатко Стефановски и сл. На некој начин ова е песна налик на Пелистерско оро и други такви во кои имаме адаптација на гитара и други музички инструменти, како во случајот тапан. Целта е нормално да ги зачуваме корените и автентичното за ова наше поднебје, а секако и планината Голак да добие своја песна.

ШТО СЛЕДНО ПЛАНИРАТЕ ВО ТОЈ СТИЛ?

ТАСЕВСКИ: Имам и друг сингл кој ќе биде нешто налик на Голачко оро. Песната ќе носи наслов ,,Градот на војводата” и ќе биде пак нешто специфично. Уште работам на истата, идејата е да вклучам дувачки инструменти, па ќе видиме како ќе излезе, се уште конечната верзија не е дефинирана, бидејки идејата е во развој.

www.delcevo365.mk: Во однос на подготовка на албум какви се плановите:

ТАСЕВСКИ: Следен најнов проект ќе биде класична гитара со класични композиции во моја изведба кои ги снимив во домашно студио, како и сите претходни песни кои се снимени. Наскоро планирам и видео запис како концерт за што ќе бидете благовремено известени. Имам изготвено и демо албум во блуз рок верзија кој ќе биде следен албум, но за тоа потоа.

www.delcevo365.mk: Пред 10 и повеќе години имавте концертен настап пред пошироката овдешна публика, кога тоа може да се очекува повторно да се случи?

ТАСЕВСКИ: Имам планови и за такво нешто се разбира. За тоа и уметниците творат, да имаат можност во живо да настапат и да ја презентираат својата музика пред публиката.

www.delcevo365.mk: Вашата порака до младите за крај од овој разговор?

ТАСЕВСКИ: Пораката е да се посветат повеќе на своето индивидуално ниво. Покрај тоа што свират по тезги, нека секој си го најде својот сопствен стил на музика, зошто тоа е и суштината на музиката, секој човек да се пронајде себе и да создава музика за душа, а тоа сигурно ќе го препознае ако е искрено и од срце. Така ќе имаат можност и младите слушатели да ја ценат авторската музика, како претходно што се ценело авторското дело, за разлика од сега кога живееме во едно друго време.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*