На тема ,,Авторско право” со магистер Катерина Антовска

Авторите се луѓе кои гледаат напред во времето во било која област од уметноста, нивните дела се нивни духовни чеда, а задача на секој правник е тоа да го заштити. Ова е цитат од младата Катерина Антовска, една од ретките магистранти по авторско право во државата, која е дел од Академијата на Светската организација на заштита на авторски права. Како магистрант по авторско право, конкретно во авторското право е дел од насоката за правна и интелектуална сопственост. 

Низ нејзиниот образовен процес најмногу поддршка имала од професор Владо Бучковски од кого го имала најголемото охрабрување да се образува, а воедно и да дојде до потребните информациите од самата област. Во последните година и 8 месеци е дел од тимот на Националната телевизија ,,Алфа” каде работи во општ административен сектор и конкретно е задолжена во правниот сектор, во делот на правото на емитување, радиодифузери и сето она што е поврзано, е блиску и тотално потпаѓа под авторско право. 

На темата ,,Авторско право” во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право, младата магистрантка пред своите сограѓани од Делчево ја образложи проблематиката со која се соочуваат најголем дел од авторите во Македонија, за кои вели дека ги почитува од мали нозе уште од првиот нејзин контакт со книгите.

-Баш поради тоа, тој склоп на професионална надоградба направи да си ја стимулирам таа почит кон уметниците и авторите кои од мали нозе ги почитуваме. Јас сум голем вљубеник во книгите кога бев средно и на факултет многу повеќе читам за разлика од сега. Сум голем вљубеник во театарските претстави и во се она што значи уметност. Поради тоа, онаа моја љубов кон уметноста и она што ми е професионална ориентација најдоа една заедничка точка во мојот професионален развој, вели Антовска.

Во Македонија како што додава има многу малку млади луѓе кои се фокусирани на авторското право како личен избор. И оние малку млади кои со тоа се занимаваат како што вели се фокусирани на заштитата на авторското право на индустриска сопственост. 

-Тоа е оној дел каде се патентите, трговските марки, затоа што егзистенционалните потреби кај луѓето најчесто преовладуваат, па од тие причини се насочуваат таму кај што се парите, како што милуваат колегите да кажат со оправдување дека во авторското право нема нели многу простор за ние како правници да се реализираме и од тоа да живееме. Јас сум четвртата или петтата и се уште чекам потврда за овој податок кој е член на Академијата на Светската организација за заштита на интелектуални права. Дел сум од катедрата за заштита на авторско право, тоа е Академија која трае една година, започна во април ќе трае до крајот на годината. Како дел од Академијата добиваме знаења на закони за легислатива од странство која ние тука ја немаме. Паралелно јас ја имав можноста преку работата во телевизијата да имам можност за голема лепеза на можности да работам во авторското право, иако сум далеку од тие професионалци кои ги има светот, се сметам за млад човек кој има желба да напредува и поради уверувањата на моите професори и давањето на целата таа поддршка, додава младиот правник.

Во таа насока верува дека ќе се покрене поголема иницијатива помеѓу правничката фела, за поголема заштита на авторското право, со цел да бидат стимулирани авторите да творат без страв.

Авторите како што вели се луѓе кои гледаат напред во времето во било која област од уметноста, нивните дела се нивни духовни чеда, а должност и задача на правниците е тоа да биде заштитено.

-Актуелниот закон за авторско право во моментот доживува една трансформација јас сум дел од една неформална група како претставник на куќата во која работам. Имав можност да ја согледам драфт-верзијата на новиот закон за авторско право кој што морам да признаам од една страна ме ослободува да кажам дека имаме голем напредок и со душа чекам да се изгласа, затоа што стариот закон кој што се уште важи е донесен во 2010 година, а последната измена е направена во 2016. Ако го земеме предвид замавот на интернетот од 2016 година, замавот на дигиталните медиуми, порталите, телевизиите, развојот на технологијата, морам да признаам дека не го следи трендот на развој и воопшто не гледам и претходните измени од 2010 до 2016 дека произведуваат вистинска правна заштита на самите автори, децидна е Антовска.

Според неа напредокот на дигитализацијата и социјалните мрежи, придонесува во текот на денот безброј пати да се повреди нечие авторско право, но тоа е поради законската рамка која во европските земји подобро ги заштитува авторите.

-Кога ја обработував магистерската теза, морав да обработувам странски закони, странски директиви, Европската унија има законска рамка во која земјите членки ги заштитуваат своите автори, но ние ја немаме таа можност затоа што правниот систем е премногу бавен, премногу некако не се наоѓа слух, дали нема политичка волја со години наназад, тоа за жал е во последната деценија. Нашето законодавство работи по ратификувани договори кои се рамни на ниво на членки на Обединетите нации, но како,се движи развојот далеку сме од некое законодавство во делот наавторски права како идна земја членка на ЕУ, додава Антовска.

Она што според неа проблематично се повредите кои се случуваат на социјалните мрежи од областа на авторското право кои се многу слабо рефундирани, а според неа се гледа од самите полиси и политики на функционирање на популарните социјални мрежи како фејсбук, твитер, тик ток, инстаграм и други кои имаат инструирано виртуелен правен систем кој самиот по себе подлежи на заштита.

-Тие велат дека кога вие ќе пријавите некоја повреда на авторско право, бараат таму да селектирате од која земја доаѓате и под кое законодавство. Со тоа ние кога кликаме „прифати“,„дозволи“ на сите тие прозорчиња, ние не читаме што пишува, но така прифаќаме да бидеме дел од еден виртуелен правен систем кој што Америка и Европа го имаат направено и таму подлежи на заштита. Но што се случува со земји кои се надвор од тие два региони, проблемот настанува во заштитата на самите автори. Во ред е ние како корисници се обврзуваме да ги почитуваме правилата на Европа и Америка, но жално е што не го следиме тој тренд на ратификација на документи, затоа што се многу лесни за примена. Сепак пак ќе кажам пред се треба политичка волја, пред се интелектуален капацитет односно луѓе кои што знаат да работат со таа проблематика, дообуки и доквалификации кои кај нас се процеси кои траат со години, прецизираше Антовска.

Во тој поглед, како што додава борбата со прекршувањето на авторските права е како борба со ветерници.

-Се борите со нешто, а не знаете со што. Судската пракса во тој поглед е многу сиромашна. Последната која ја слушнав е за фотографија која е украдена на професионален фотограф, кој што ја има заштитено фотографијата, а некој портал ја има преземено.Тоа е многу прост случај, просто е за третирање по актуелниот закон, не ни треба сами да измислуваме топла вода, самиот судија да донесе одлука. Конкретно за овој случај имав можност да ги видам списите и мој впечаток е како да недостасува знаење или има некој страв да донесуваме одлуки да не згрешиме. Пресудата беше таква каква што беше, се третираше според казнените одредби, меѓутоа ги гледав оние полемики помеѓу нас правниците, тука владее голем страв од непознатото и немање поим што се случува надвор во светот, затоа велам борба со ветерници, дециден е делчевскиот магистрант по авторско право.

Она за што доследно се залага е почитувањето на авторското право особено при  наведувањето точен извор на информацијата која се споделува. 

-Секогаш кога некој цитираме, обврска ни е да кажеме кој е тој кој го цитираме. На тој начин му го штитиме правото, затоа што тој човек, тоа го кажал и кога ти ќе излезеш на говорница да го изјавиш, треба да го кажеш изворот, во спротивно говорот како говор е твое авторско дело. Ако ти во твое авторско дело имаш украдено дел од авторско дело ти кршиш авторско право. Тоа се тие некои процеси кои ги знаеме, бидејки не е исто да кажеме ,,Еден еднаш кажал” ако знае да го  кажеш тоа што тој го кажал, ќе  кажеш и кој го кажал со име и презиме, освен ако е непознат автор и сл. Тоа се некои примери од секојдневието што се случуваат, а ние ги одминуваме, не ги забележуваме  и повеќе се осврнуваме на тоа што е напишано, посочува Антовска.

Таквата пракса според неа е изразена во поголем обем на социјалните мрежи, каде многу често се случува ,,крадење” на авторски дела или делови без ,,цитирање” кој е вистинскиот извор.

-Механизмот кажав не постои зошто не сме дел од таа група која што може да ужива заштита, не сме дел од САД, не сме дел од ЕУ, да ние со кликнување ,,alow” почитуваме туѓи права, ама никој не ни ги гарантира нашите права и тоа е таа нели баналност со која што се соочуваме. Социјалните мрежи како такви многу често прават и платформи за онлајн книги и јас гледам дека во Македонија тој тренд го започна Македоника пред 5 години, иако не сум сигурна дали се уште постои. Познавајки ја иницијаторката на Македоника која беше повратничка од Америка, во еден неврзан разговор, се сеќавам дека рече дека постои многу голем процес со сите тие барања и дозволи за прикачување на тие дела. Вели никој не наиде на проблеми, но наишол на долги процеси во смисла на сетот тоа да биде легално и административно покриено, по правила по закон и слично и оттука сакам да кажам и законот да ни биде совршен доколку кадрите во институциите не ни се обучени за усогласување на тоа што ние го имаме со закон пак е потребен долгогодишен процес, додава Антовска.

Изрази надеж дека за 10 години ќе може да се разговара со поинаква ведрина на оваа тема. 

-Не ја губам надежта, не ја губам таа волја за работа затоа што кога си во непознато ти си го трасираш патот, кога си во познато, други ти го трасираат патот. Заради тоа пак ќе се вратам на почетокот, мојата професионална кариера решив да ја извадам од границите на Македонија и да ја донесам тука, заради тоа што во скеојдневната комуникација со уметниците и сите што се дел од таа лепеза на некој што треба да го применува законот добивам охрабрување затоа што сум млада и сакам да променам нешто колку и да е тоа невозможно. Сепак апелирам да зборуваме погласно за авторските права, да истражуваме, не е тешко да се најде законот, не е тешко да се прочита, не е тешко да се најдат студии на повеќе јазици кои јас ги користам, српски, бугарски и слични не дека се нешто понапред од нас, туку заради поголемиот број искуства, така што јас ги охрабрувам сите да зборуваме погласно за авторските права, дополни Антовска.

Македонија е земја во регионот која процентуално по глава на жители има најголем број на автори од 30-40 и од 40-50 годишна возраст што според Антовска е податок кој радува. 

-За издавачките куќи немам информација колкава е бројката, меѓутоа сведоци сме на се повеќе издавачки куќи и се надевам дека ќе продолжи тој тренд, затоа што штом има издавачи ќе има и читатели. Тоа секако е многу важно бидејки и покрај големиот развој на технологијата, книгата останува најголем извор на знаења. Милувам да кажам дека имаме многу потенцијал во смисла на автори и желбата е многу голема. Согледувам дека во последниот период започна да се зборува многу на оваа тема. Во Делчево конкретно во последно време има голема активност и затоа се нафатив да учествувам на денешната трибина бидејки Делчево е место со многу роднокрајни автори и јас знам добар дел од нив и ми е драго што имам можност да комуницирам со дел од нив, а тие со нивната практична работа го надополнуваат моето знаење кое го имам само од книга, дополни Антовска.

Антовска своите искуства на темата ги пренесе во рамки на настанот кој Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево заедно со Комисијата за еднакви можности  организираше трибина на тема „Авторско право“. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*