Во Пехчево преку Јавен повик ќе се ангажираат работници за извршување работи од јавен интерес

Општина Пехчево објави јавен повик до невработените лица за нивно ангажирање за изведување на Јавни работи. Активноста се реализира врз основа на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година, усвоен од Владата на мерка 6, како дел од Програмата за работно ангажирање – Јавни работи, финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување и општина Пехчево. 

-Општина Пехчево има потреба од работно ангажирање на работници за извршување на работи од јавен интерес. Согласно на тоа се повикуваат сите евидентирани невработени лица со ниски квалификации од територијата на општина Пехчево, кои се заинтересирани за вклучување во Јавни работи во проекти од инфраструктурен карактер и заштита на животната средина да се пријават во просториите на Општина Пехчево, Канцеларија за локален економски развој и да пополнат соодветна Пријава за учество, стои во јавниот повик на Општина Пехчево.

Селекцијата на заинтересираните пријавени кандидати, како што се додава во повикот, ќе биде извршена од Комисија формирана од страна на Градоначалникот на општина Пехчево со претставници од општинската администрација, меѓуопштинскиот центар за социјални работи и АВРСМ, Биро за вработување.

-За спроведување на предвидените проектни активности од делокругот на Јавни работи предвидена е финансиска поддршка во износ од 600 денари по работно ангажирано лице – дневно со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест за 20 работни часа неделно. Селектираните невработени лица ќе бидат работно ангажирани од страна на општина Пехчево за период најмногу до 22 (дваесет и два) работни дена, додадоа од Општината по однос на Јавниот повик.

Заинтересираните невработени лица ќе можат да поднесат соодветни Пријави во просториите на Општина Пехчево, Канцеларија за локален економски развој, секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот, заклучно со 05.08 2022 година.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*