Овоштарите од Пијанец продолжија со протести, најавени 2 денари поддршка од Интервентниот фонд

Со блокада на магистралата А3 на влезот на Делчево и сообраќајницата на Регионалниот пат Делчево – Пехчево – Берово, производителите на модра слива од Пијанец продолжија со изразување на незадоволството од слабиот пласман и ниската откупна цена на најзастапената овоштарска култура во делчевско.

-Возачите се револтирани за блокадата, сите си ги бараат своите права, но ние мора заеднички да застанеме кога немаме од државата ништо. Значи за берба бараат 6 денари, а не можеш да извадиш и 5 денара за трошоците. Излеговме, ама нема кој да не слушне, протестот треба да продолжи, истакна Богдан Гоцевски производител од Делчево

Славчо Десподов сопственик на овошни насади со модра слива вели дека е голема штета од 25 денари, колку што била цената на сливата пред 5,6 години, сега истата да не може да се продаде за 10 денари.

-Тоа е поради немањето конзистентна полтиика.Излез е да се отворат преработувачки капацитети и Македонија да не биде зависна од увоз на производи од земји кои не произведуваат и немаат земјоделие. Тоа е решението на подолг рок, а привремено проблемот може да се реши со интервенции со средства од Министерството за земјоделие, вели Десподов.

На новинарско прашање, кое е мислењето на производителите за најавените грантови од 10 илјади евра за мали фирми и поддршка на локални производи, производителот Атанас Ангеловски вели дека мерката е добра, но прашање е колку ќе стигнат тие пари за дестилерија бидејки според него потребна е голема инвестиција.

Ангеловски информираше дека досега одржале средба со градоначалникот на Општина Делчево и раководителот на подрачната единица при МЗШВ, кои биле поканети да учествуваат на протестите и да им бидат поддршка на земјоделците.

-Нашата општина има ќар од сливарите и сливата. Во делчевско имаме посадено 532 хектари со слива, тоа се 650 домаќинства, тоа се над 10.600 килограми. За да се собере таа слива по 4 денари, излегува накај околу 800.000 евра, а имаме плус има садници и во друга општина што значи дека тие пари од се трошат само за работниците, а и средствата кои ние треба да ги земеме остануваат во Општината, тоа се чувствува и во продавници и кафеани и градежништво, додаде Ангеловски.

Трошоците на земјоделците од Пијанец се исти како и во останатите делови на државата, заради што Ангеловски упати порака Министерството да им излезе во пресрет и да не ги дели, исто како што тоа го прави со производителите на други овошни култури.

Протестот кој беше пријавен до надлежните, наиде на оправдување кај дел од возачите, но не и од начинот на кој овоштарите ги бараат своите права.

-Поддршка секако ќе се даде, но тракторите да ги однесат пред Влада а не овде. Инаку луѓето заслужуваат да им се излезе во пресрет, истакна затекнат возач на влезот на Делчево.

Пратеничката Соња Михаиловска од Делчево, информираше дека за производителите на модра слива преку Интервентниот фонд на  Министерството за земјоделие ќе биде обезбедена парична поддршка од 2 денари. Оваа одлука како што додаде Михаиловска наредната недела на Седнциа на Влада ќе биде разгледана како точка, а се очекува производителите на сливи од делчевско парите да ги добијат до Нова Година.

Доколку најавеното не се оствари производителите на најзастапената овошна култура во Пијанец најавија блокирање на Меѓународниот пат кон Р.Бугарија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*