Промовирана книгата „Паметници за Царево село“ од Драган Арсовски и Софрон Ѓеоргиевски

Во Делчево промовирана книгата „Паметници за Царево село“ од Драган Арсовски и Софрон Ѓеоргиевски. Промоцијата се реализираше во организација на Јавната локална библиотека „Илинден“ како издаач на книгата која сведочи за црквите и манастирите во делчевско и сведоштва на царевоселци.

-Со многу љубов, ентузијазам и со желба да го сочуваме од заборав материјалот вреден како оставштина за делчевските цркви и манастири кои со текот на времето во долгата историја на оваа територија биле разрушувани и полека паѓале во заборав, ЈЛБ „Илинден“ пристапи кон подготовката на оваа исклучителна монографија која ќе остане како аманет на следните генерации делчевци и доказ за времето кое одамна поминало, истакна директорката на библиотеката Биљана Петровска пред присутните, додавајки дека е горда на работата на библиотеката и значителниот придонес во обелоденувањето на исклучително значајната содржина во книгата.

-Затоа иизразуваме огромна благодарност до семејството Арсовски, особено голема благодарност до Лимонка Арсовска, сопругата на Драган Арсовски, еден од авторите на книгата. Несебично, со многу љубов, без никаков надомест, сите материјали и ракописи Арсовски ги подарија на библиотеката, со цел да бидат зачувани од времето на заборавот. Во ова дело, сочувани се истражувањата поткрепени со факти, докази, фотографии, преданија за црквите и манастирите во Делчевско, но и сведоштва на времето тешко за живот, со многу премрежја, сиромаштија и борба за живот, сведоштва на обичните луѓе кои на себе го чувствувале и со свои очи го гледале турбулентниот период од создавањето на македонската нација и држава, додаде Петровска.

Книгата како што додадоа од ЈЛб „Илинден“ во својата објава на фејсбук содржи вредни сведоштва, кои скромно, но гласно зборуваат за животот на Пијанец во периодот пред и по Втората светска војна.

-Овие материјали од неуморните автори се собирани во осумдесеттите и деведесттите години на минатиот век, а во ракопис се чувани повеќе од три децении. И ете, трудот на професорот Драган Арсовски, конечно, ќе ја „види светлината“ и сите материјали, белешки, сведоштва кои Арсовски долги години ги собирал и чувал, ќе бидат зачувани во оваа книга. Во самите материјали и белешки има многу вредни, убави и интересни податоци кои денес тешко можат да се најдат и соберат, вредни факти и бројки кои би било штета да останат необјавени на едно место во една книга, посочија од ЈЛБ „Илинден“.

ЈЛБ„Илинден“ подолго време работеше на обработката, уредувањето и ставањето на материјалите во електронска форма и со финансиска помош на Општина Делчево и ЈЛБ „Илинден“, делчевци ќе имаат книга, вредна да се прочита, вредна да се раскажува.

На промоцијата зборуваше директорот на библиотеката Биљана Петровска, лекторот на книгата м-р Даниела Таќева и Николчо Арсовски син на авторот Драган Арсовски.Делови од книгата пред присутните прочитаа Сара Ангелова, Магдалена Георгиевска, Теодора Тодоровска и Андреа Димитровска. ЈЛБ„Илинден“ упатува благодарност до градоначалникот на општината Горан Трајковски , за несебичната поддршка околу подготовката и издавањето на книгата.

-Тој секогаш е тука да не поддржи, помогне и мотивира, потоа на Претседателот на Советот на општина Делчево Гоце Попов,благодарност и до советниците за донесувањето на одлука за финансиската поддршка за печатење на книгата.Благодарност и до фамилија Арсовски , за сите материјали кои ги дадоа на библиотеката и сега се соберени во самата книга.И благораност до Наташа и Орце Ристовски од печатница „Студенски сервис“ Скопје, без кои сето ова неможеше да се реализира, додаде Петровска.

Книгата веќе е обработена и достапна до читателите и може да се купи од ЈЛБ „Илинден“.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*