Промовирана „Собата на Димитар Узунски за културното наследство на Пијанец“

Во делчевското село Тработивиште промовирана „Собата на Димитар Узунски за културното наследство на Пијанец“, како носечки проект на Здружението Фолклорна група Копачка, с. Драмче Делчево субвенциониран од Министерство за култура на РСМ. Собата е уредена во родната куќа на најголемиот културен деец Димитар Узунски во родното Тработивиште во која се сместени неговите лични документи, фотографии, најзначајни дипломи, благодарници, признанија и награди, како и неговите ракописи од собирачката фолклорна дејност.

Како што истакна Перса Стојановска претседател на здружението, незаобиколен е фактот на максималниот допринос по подготовките на собата од страна на пијанечкиот Марко Цепенков, легендата на пијанечкиот фолклор Димитар Узунски, дури беше жив.

-За жал не напушти и не дочека со свои очи, да го види финалниот изглед на собата за која мечтаеше и се гледаше себеси како понатака неуморно работи и трага по изворите на пичанечкиот фолклор. Покрај изведувачките работи за прилагодување на собата за таа намена, опремувањето со витрини, преградна врата и друго во собата се уредија неговите лични документи, фотографии, најзначајни дипломи, благодарници, признанија и награди, како и неговите ракописи од собирачката фолклорна дејност, собрани во неговите тетратки, а секако овде се и неговите инструменти, носијата, машината за чукање и др, рече Стојановска.

Со оваа активност, на денешниот значаен ден, како што додаде претсесателката, Фолклорната група ,,Копачка” го потврдува решителниот од по патот кој Узунски го трасираше покрај другите негови животни дострели, останувајки најзаслужен за впишувањето на орото „Копачка” во УНЕСКО.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој ја пушти во употреба собата, потенцираше дека на денот на роденденот на пијанечкиот Цепенков, Узунски, Делчево и неговите следбеници од Здружението „Копачка“ с. Драмче, како и неговото семејство, им подаруваат на сите почитувачи на неговиот лик и дело, на љубителите на фолклорот и традицијата, спомен-соба која ќе го чува споменот за Узунски, и на секој посетител и добронамерник ќе му раскажува за неговата посветеност и ентузијазам, за неговата љубов кон културното и фолклорното наследство, за неговиот живот „Копачката“.

-Узунски е делчевска гордост и непресушен извор за пијанечкиот фолклор и традиција. За неговото дело и наследство може да се пишува многу, но неговото наследство е немерливо и нема доволно зборови за да се опише, бидејќи неговото значење за Делчево, за делчевци, за македонскиот фолклор и традиција е уникатно. Димитар Узунски беше и ќе остане синоним на делчевcкиот фолклор и традиција, рече Трајковски.

Во рамки на настанот пред присутните се обрати и синот на Димитар, Гоце Узунски, кој потенцираше дека внатре посетителите нема да најдат ниту злато, ниту пари, туку идентитет и нешто што значи Македонија.

-Мојот татко цел живот имаше идеја со својот труд да создава и работи во интерес на Република Македонија, а она што ќе го најдете внатре е оружје со кое ќе се одбраниме од она што ни се случува.
Ќе ви се заблагодарам на сите, ќе кажам дека работел повеќе професии, учител, раководител на фолклорна група Пијанец, на Копачката, во образовниот систем формирал народни оркестри и хорови и во сите установи каде работел сакал да истави свој белег на времето во кое живееше. Тој е редок човек кој ја носеше народната носија со гордост, не се срамеше да каже дека е Македонец, дека е од село Тработивиште, работеше за својата земја, се роди овде и почина во оваа куќа, рече Узунски.

Во рамки на завршниот говор на настанот беше кажано дека собата не претставува само хартии од непроценлива вредност за еден народ од овој крај, туку е соба која ќе брои векови преку ликот и делото на Димитар Узунски кој не ќе има заборав.
На настанот беа доделени благодарници на најзаслужните кои учествуваа во реализацијата на проектот ,,Соба на Димитар Узунски за фолклорното наследство на Пијанец”.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*