
Со традиционална свечена црковна церемонија и во присуство на стотици верници, денеска се осветија водите на река Брегалница во Делчево. Дејвид Велковски беше најсреќен и највешт и успеа од дваесетината момчиња кои се фрлија во студените води на река Брегалница, да го фати светиот крст при церемонијата за осветување на реката Брегалница.
-Досега имам учествувано шест пати, а ова ми е прв пат како го фаќам Чесниот Крст. На граѓаните им посакувам многу здравје и среќа, а на оние кои не пробале нека пробаат да почувствуваат како е да се биде во водата, рече Велковски.

Осветувањето на водите на река Брегалница на овој убав ден е традиција која опстојува и го чува нашиот идентитет и вера, истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски
-Тоа е традиција која нѐ обединува во вербата и во желбите за бериќет и благосостојба. Овој ден со себе носи порака на прочистување, оптимизам, надеж и верба во доброто, совршеното, чистото. Упатувам честитки на нашиот сограѓанин кој успеа да го фати светиот крст од студените води на Брегалница и му посакувам да го следи среќа и него и неговото семејство, а да донесе среќа и бериќет на целиот наш град. Нека е за многу години, рече Трајковски.
Традиционално, Општина Делчево на среќниот фаќач на светиот крст му додели парична награда во износ од 10.000 денари.
Среќниот фаќач на крстот доби подарок и од компанијата „Зегин“. Оваа година компанијата подари машина за перење алишта, а од црквата икона со ликот на Пресвета Богородица.
Leave a Reply