Животот на Делчевчани – Разговор со Петровски Станко за развојот на некогашна Партизанка

Јас сум Петровски Стaнкo, роден 1935 година на 14.05. во Делчево.

Почнав да работам на 14.05.1961 година,во Собранието во оддел за даноци, потоа отидовне во Управа за приходи, кај Драган Милков. Тој не испрати кај претседателот, Коло Попов, кај него беа Сабрија и Тасе во истата канцеларија, и се пожалихме дека ни е голем данокот и Коло ни рече ако сакате да отвориме конфекција штом ви е голем даноко. Ние се согласивме и директно од Собранието дојдовме кај Стана Шишкова да бараме простории и нашите машини ги донесовме во нејзните простории. Бевме пет души мајстори и чираците наши мајстори беа Петров Станко, Славе Димитров, Владе и Васил Валожански и Павле Мудуро.

До 01.05.1961 работевме кај Стана Шишкова. Потоа заминавме во горните касарни се до 1963 година. Потоа стигнаа новите машини и се преместивме во магацините на ЈНА. Стигнаа 36 машини и 4 стола за пеглање. Машините беа од Сингер-Скопје, а бевме вработени 40 работника на почетокот работевме за „Македонка“-Штип 4 години. За тие години „Македонка“ изгради погон се викаше „Астибо“. Потоа се префрливме во Астибо како коперанти. За Астибо работевме се до 1969 година. Таа година дојде Симо Атанасов како комерцијален директор, кој не поврза со Каменско-Загреб.

Три години работевме за Каменско. Симо пред време си напушти изгледа 2 години работи и 1973 замина во банката директор. После дојде Ванчо Давитков на негово место така да почнавме да работиме за Интер импекс, работевме женски престилки за извоз. Дел работевме за Елегант-Гевгелија. Тогаш работници беа 86 души.

Новиот погон на Партизанка од прилика почнува да се гради 1973 година. Инвеститор беше државата со кредити. И во новата зграда отидовме 150 работника, и почнавме да работиме со директор Ванчо Георгиев кој дојде како нов комерцијален директор. Тогаш преку Макотекст почнавме да работиме за Источна Германија. Потоа кај мене дома дојде еден нов комерцијален од Алексинац, јас кажав на директорот Шехтански, тој се согласи и го земавме. Го повикавме Славе Атанасов, тој беше претседател тогаш и рече: ,,Штом го Станко познава да го земете”…и го зедовме. И тој не поврза со Источна Германија и примавме повеќе работници и станавме околу 30 души работници.

Потоа се појави една фирма на Венцо Иванов од Кочани и тој не поврза со Западна Германија, и така 2 ланца работеа за Западна, а 4 ланци за Источна Германија. Така да работевме 2000 кошули за западна Германија и 6000 кошули за Источна Германија.

Бројот на работниците достигна до 830 се вкупно патници, продавачи, чистачи. Постигнавме добар резултат и платите беа добри. Ни обрна внимание претседателот на Извршен совет дека многу големи плати даваме, губат другите и моравме да им дадеме на работниците по 2 пешкира.

Платите беа во тогашно време 8 до 10.000 динари. Работниците по 10.000 јас земав 11.000 директорот земаше 1000 динари повеќе од мене. Имаше работници и од Ѕвегор и Габрово, тие доаѓаа и се враќаа назад дома. Во мојот работен век таму се сменија многу директори, јас не бев директор, во Македонка бев главен за производство. Кога отидовме под Астибо, тогаш ме крстија Технички директор. Со 830 работници функционираше и горниот и долниот погон. Мене ме сменија 1992 година. И до тогаш бројот на вработени беше тој 830, после не знам што се случувало. Од 1995 година јас заминав во пензија.

Со Источна Германија кога работевме тие пробаа да рекламираат за неквалитет, па моравме да идеме лично за Германија и таму заклучивме дека тоа не е вистина, дека квалитетот е ок и дека тоа не се наши производи. Кога беше Ванчо Давитков ги работевме тие женските кецељи, рекоа дека не се добри и бевме во западна Германија, еден чичко Ноне од внатрешни беше со нас , таму сите производи кои за нив беа спорни ги ставија пред мене и јас реков на чичко Ноне дека тие производи не се мои. Потоа рекоа дека нашите производи се во магацинот, не беа таму, па рекоа дека во продавниците се, а во продавниците ние не признаваме тоа. Меѓутоа дојде газдата и рече дека се тоа е местенка на Комерцијалниот негов директор…и така немаше ништо од сето тоа и прекинавме соработка со таа фирма. .

Патувавме со Давитков многу имавме соработка со Елегант – Гевгелија. Соработувавме и со Узор – Ваљево, Пеко – Белград и за многу други конфекции. Соработката со сите беше добра и можам да речам дека никаде не ми е речено дека имаме неквалитет. Во тоа време работниците беа за пример, дисциплина имаше, сите работешеа и се залагашеа да ги постигнат своите норми. Немавме слаби работници, гледавме да прилагодиме секоја работничка за која операција е способна. Како ги обучувавме? Јас можам да кажам дека одев од машина на машина и им помагав на работниците. Имавме колективен одмор, секоја година работниците колективно користеа по 15 дена, можеа да земат неплатено, користеа боловање се.

Платите за разлика од сега беа високи сите работници беа задоволни.
Од тие 5 души што први почнавме, Владе замина во Фротирка, Павле Ристов изгледа замина за Кожара, така да останавме Славе Димитров и јас, Васил напушти не сакаше да продолжи со нас. Митко Златев и Арсен од Вирче што се пожалија со нас, Митко отиде за Кочани, а Арсен за Скопје.

Сега можам да кажам дека Палтекс ја растурија на мали погони. Излегоа од Партизанка кадри и си отворија нивни погони. Останаа само 400 вработени рестото се по селата и по градот. Помеѓу работата тогаш и сега има разлика.Тогаш беа цените многу мали за доработка и кај запад и кај исток, сега имаат полна капа што земаат за единица. Ние земавме 2,5 марки за кошула, високо пеглана кошула, за Источна тука некаде земавме по 3 марки,а сега слушам цените се добри, по 6,7 дури и 10 марки, многу подобро од колку порано, платите не знам како се сега. Слушам дека работниците одат од една во друга конфекција се менуваат. Во наше време имаше работна рака во Делчево невработен немаше. Во наше време имаше и други фирми на исто реноме како нашето. Работеше Кожара, Крзно имаа многу работници, работеше и земјоделскиот комбинат Сандански имаа околу 1000 работници може и повеќе.

Во 60-тите и 70-тите во Делчево немаше невработени и мислам дека беа задоволни сите граѓани.

Текстот го пишуваше Биљана Петровска по сеќавања на Станко Петровски, како дел од продолжението на серијалот ,,Животот на делчевчани”, авторско дело на проф.Љупчо Прачковски

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*