Петар Митревски – најмлад фудбалер кој заиграл за првиот тим на ФК ,,Каменица Саса”

Петар Митревски од Македонска Каменица  е фудбалер на ФК ,,Каменица Саса” кој испиша историја во македонскиот сениорски фудбал. Со наполнети 16 години и 5 дена стана најмладиот играч кој одиграл цел првенствен натпревар во сениорска конкуренција за својот тим што според статистиката го прави и најмладиот играч кој заиграл на официјален првенствен натпревар во рамки на натпреварите организирани од ФФМ. Неговиот татко Дејан Митревски кој е бивш фудбалер на Саса, вели дека неговиот син Петар својата љубов кон фудбалот ја негува од неговата 6 годишна возраст, почнувајки од пионерската лига, за што имал поддршка од неколку тренери низ годините наназад.

-Петар започнува во фудбалските води на 6 годишна возраст во детска лига, тренер прв му беше Стојче Милошевски со него почнува да запливува во фудбалските води и генерација за генерација со наполнети 13 години настапува во помлади пионери, пионери и кадети. Таму работи со повеќе тренери од Македонска Каменица, потоа со Сашко Велиновски помали пионери, со Горан Гоцевски и на 14 годишна возраст го префрлаат во Првата екипа, вели Митревски.

Дека младиот Митревски ќе го сруши рекордот за најмлад фудбалер кој настапил во сениорска конкуренција се покажа на почетокот на месец март кога тој беше на клупата на Саса, а веднаш во следното коло одигра цел натпревар против тимот на Беласица.

-Последниот натпревар кој го одигра беше натпреварот со Тетекс во кој стартуваше од самиот почеток и ги одигра сите 90 минути. Заврши натпреварот 0:0. За мене како родител затоа што и јас сум фудбалер на ФК Саса ми е особено драго што го засака фудбалот како мал. Моментално е ученик во прва година гимназија во СОУ ,,Миле Јаневски Џингар”, а исто како и со фудбалот и во школото е одличен ученик го сака и учењето и фудбалот, додава таткото на каменичкиот фудбалер.

Иако е повеќе од одлична работа што заиграл во првиот тим, кроењето планови за понатаму како што додава Митревски сениор ќе биде постепено. Она што засега според него е важно Петар да ја задржи формата и да одигра што повеќе натпревари.

-Сега засега тука ќе остане, она што ќе биде најважно за него се разбира и за целиот тим заедно со стручниот штаб е тимот на Саса да се избори за понатаму. Планови секако дека треба да се има секогаш, имаме контакти веќе се гледаат неговите игри, но како што кажав сега засега ќе биде тука, но за понатаму здравје ќе видиме, додава Митревски сениор.

Дејан Митревски е познато име во историјата на ФК Саса, а како поранешен играч на каменичкиот клуб кога прави  споредба помеѓу фудбалот кој се играл тогаш и сега вели дека има огромна разлика.

-Како поранешен играч ако се направи анализа каков бил фудбалот пред 25, 30 години, можам да кажан дека подруг  фудбал беше, сега веќе стана ,,бизнис” така да разликата е голема. Условите за фудбал Саса како клуб отсекогаш ги имала и затоа котираше на високо место во бившата Македонска лига каде беше еден од најстабилните прволигаши. Отсекогаш од Саса излегувале таленти, имало многу добри фудбалери, така да слободно може да кажеме дека Каменица иако е мало место отсекогаш била расадник на добри фудбалери, додава Митревски постариот.

На крај тој се заблагодари на тренерот Љупчо Димитковски кој му ја даде довербата на неговиот заменик, ветувајки дека Петар ќе ја оправда довербата и со своите добри игри ќе придонесе клубот да обезбеди опстанок во Втората Македонска Лига, во која во моментот настапува екипата на Каменица Саса од М.Каменица

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*