
Во Делчево денеска се одржа традиционалната Велигденска изложба на творби. Спакувани на над десет штандови беа изложени илјадници велигденско украсени јајца, најразлични велигденски декорации и украси, со што по пауза од две години поради пандемијата се продолжи традицијата поврзана на Велики четврток
-Свои велигденски декорации изложија деветолетките „Ванчо Прке“ и „Св. Климент Охридски“, гимназијата Методи Митевски – Брицо“, детската градинка „Весели цветови“, Дневниот центар за лица со посебни потреби, Фолклорната „Копачка“, вработените во Јавната локална библиотека „Илинден“ и НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“, а свои изработки имаа и Соња Стаменкова, како и учениците Сандра, Марија, Нела и Mелани. Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма, на која, освен ученици од основните училишта настапија и КУД „Гоце Делчев“ и ФГ „Никола Јонков Вапцаров, информираа од Општина Делчево.
Традиционалната „Велигденска изложба“ годинава имаше хуман карактер, а собраните средства од изложбата ќе бидат донирани на ученици кои живеат во социјален ризик.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој ги додели наградите за најдобри штандови, изрази задоволство од богатството велигденски креации и истакна дека традицијата е таа која го чува идентитетот и во ова модерно време цврсто го држи народот за корените.
-Изразувам честитки на сите учесници на „Велигденската изложба“ сите заедно го направија овој убав ден да биде богат и празничен и сите успеаја во својата задача да ја промовираат традицијата за Велики четврток, ден кога се бојадисуваат велигденските јајца. Велигден е најубавиот христијански празник, тој е празник на љубовта, мирот на животот. Нека е за многу години!-истакна Трајковски.

Првата награда за најдобар штанд во износ од 3.000 денари ја доби детската градинка „Весели цветови“, втората во висина од 2.000 денари ја доби ООУ „Св. Климент Охридски“, додека третата во износ од 1.000 денари беше за ООУ „Ванчо Прке“, а сите учесниците добија благодарници за учество на „Велигденската изложба 2023“.

Традицијата поврзана со Велики четврток како што потенцираа од Општината е појдовна идеја за Велигденската изложба или јајцејадата. Велики четврток е денот кога започнува Христовото страдање и кога е донесена неговата смртна пресуда по предавството од Јуда. Првото бојадисано јајце треба да е во црвено – и ја симболизира Христовата крв.
Leave a Reply