
Со пригодна свеченост во Делчево одбележани 120 години од убиството на македонскиот револуционер и патрон на градот, Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 беше убиен од турската војска во селото Баница. По тој повод пред неговиот споменик во центарот на градот се поклонија и свежо цвеќе положија делегација од Општината, делегација од Советот на Општина Делчево, како и претставници на политички партии, институции и здруженија на граѓаните.
Во рамките на одбележувањето, членовите на Културно-уметничкото друштво кое го носи името на Делчев прочитаа реферат за неговиот живот и дело, осврнувајки се на членството на Централниот комитет на ТМОРО, во чии рамки Делчев работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Во склоп на програмата за чествување на 120 годишнината од смртта на Делчев, беше поставена и ликовна изложба „Лесновска ликовна колонија”.
-На изложбата се претставени дела со мотиви од природните убавини на лесновскиот крај и околината на Лесновскиот Манастир. На 30-тата Ликовна колонија учествувале 14 уметници зад себе оставајќи свои дела, кои се дел од богатата збирка на уметнички дела, истакнаа од НУ Центар за култура ,,Никола Јонков – Вапцаров” кои ја организираа изложбата.

Денешните активности по повод 120 години од смртта на великанот продолжуваат со целовечерен концерт посветен на Гоце Делчев, а во склоп на програмата за концертот, на кој е предвидено да бидат доделени награди и благодарници за учесници во наградниот литературен конкурс на тема „Гоце – наша ѕвезда водилка“ кој беше распишан од страна на Јавната локална библиотека „Илинден” во соработка со КУД „Гоце Делчев“.
По повод 120 години од смртта на патронот вечерва трибина ,,Продолжуваме каде тој падна” ќе одржи Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ чии членови исто така денес положија цвеќе пред споменикот на Делчев.
Leave a Reply