
Во Берово и Пехчево закажана презентација на трите активни мерки од ИПАРД Програмата. Настанот како што информираа од Општина Берово ќе се одржи во вторник (16.05.2023) во Бизнис инкубаторот во Берово, додека во Пехчево презентацијата е закажана со почеток од 14 00 часот во салата при Домот на култура Јане Сандански.
-Со оглед на факот дека ИПАРД Програмата има многу голем опфат, во сите економски гранки, преку трите акредитирани мерки, се информираат сите заинтересирани граѓани, за користење на средства за инвестиции преку европскиот ИПАРД фонд, дека утре 16.05.2023 година, со почеток во 11:00 часот, во Бизнис инкубаторот во Берово, ќе се одржи презентација на трите активни мерки од ИПАРД Програмата, се вели во поканите од двете општини за овој настан.
На настанот како презентери ќе присуствуваат претставници на Телото за управување со ИПАРД и претставници на Агенцијата за Финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
-Во рамки на настанот ќе бидат презентирани неколку мерки меѓу кои и мерките за инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, инвестиции во основни средства, за преработка и маркетинг од земјоделски производи, диверзификација на фарми и развој на бизниси во рурални средини како и други мерки кои можат да ги користат сите производни компании, кои планираат да инвестираат во проширување на своите капацитети и унапредување на производниот процес, додадоа од Општините.
Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство промотивната кампања ја организира со цел запознавање и доближување на можностите за користење на средства од ИПАРД програмата до потенцијалните корисници.
Leave a Reply