Општина Берово потпиша Меморандум за соработка со Доброволно противпожарно друштво од Словенија

Општина Берово потпиша Меморандум за соработка со Доброволно противпожарно друштво (Prostovoljno gasilsko drustvo) од Нова Горица  Република Словенија. За таа цел денес словенечката делегација, ја прими градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски кој истакна дека потпишаниот Меморандум се однесува пред се за соработка и унапредување на општинските услуги, особено во делот на противпожарната заштита.

Воедно како што додаде од страна на словенечкото противпожарно друштво, за потребите на ТППЕ Берово донирана е приколка за шумски пожари.

-Им посакав добредојде на гостите од Словенија,  упатив благодарност за донацијата, која што ни значи многу и им доделив благодарница за унапредување на противпожарната заштита во Берово.

Истакнав дека нашата соработка ќе продолжиме и понатаму, со цел унапредување на општинските услуги кон граѓаните и остварување успешна реализација на заеднички проекти, за подобрување на животот на жителите во двете општини, рече Пекевски.

Благодарност за донацијата упати и Командирот на ТППЕ Берово,  Сашко Руменовски.

-Приколката е со капацитет од 400 литри и ќе биде од огромна корист за јакнење на  капацитетите на ТППЕ Берово, рече Руменовски.

Во рамки на посетата на Берово делегацијата од Нова Горица, во која беа и родителите на Жан Кофол, пожарникарот кој несреќно загина по враќање од доброволната мисија во Малешевијата, двете делегации ја посетија улицата, која во знак на висока почит беше именувана по словенечкиот пожарникар.

На крај беше упатена пораката за продлабочување на меѓународната соработка со Република Словенија со цел градење нови интракултурни мостови на трајно пријателство. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*