Тамара и Дарко Спасови главни носители на Делчево Фест 2023

По претходно спроведен конкурс со едногласна одлука на Комисијата за избор, Културно-уметничкото друштво ,,Гоце Делчев” ги соопшти резултатите од конкурсот за овогодишното издание на манифестацијата ,,Делчево Фест 2023″. Со одлуката на Комисијата како што соопшти на денешната прес-конференција Зенил Реџепов, координатор на Делчево Фест 2023, за главни носители на манифестацијата  избрани се Тамара и Дарко Спасови од Делчево.

-Членовите на КУД ,,Гоце Делчев” максимално се ангажираа за организирање на 47. издание на Меѓународниот музички фестивал Делчево Фест 2023 и 17-тата Пијанечко-Малешевска Свадба во функција на туристичка понуда на регионот како придружна манифестација на фестивалот. Од сите пријавени на конкурсот со најмногу гласови останаа 5 брачни пара, притоа едниот отпадна поради нецелосни документи. По интервјуто со кандидатите бордот за селекција едногласно одлучи 17- ти брачен пар на Пијанечко-Малешевската свадба се избрани Тамара и Дарко Спасови, рече Реџепов.

Овогодишните младоженци на Пијанечко-малешевската свадба истакнаа дека е голема чест да се биде дел од Делчево Фест и манифестацијата која ги промовира традиционалните вредности.

-Јас сум Тамара Сумрачка, сега Спасова, благодарност за комисијата што не избра токму нас да бидеме дел од овој настан. Чест ми е што ќе сум дел од оваа манифестација и што ќе ја носам македонската носија.

-Чест ми е што со ова наше учество ќе дадеме апел до младите да ја носат оваа македонска носија и да ги негуваат адетите што останале од стари години, рече младоженецот Дарко Спасов.

Организатор на Делчево Фест 2023 е КУД ,,Гоце Делчев” од Делчево, настанот се реализира под покровителство на градоначалникот на Општина Делчево, а поддржувач е Министерството за култура. Настанот се реализира со партнерство на Невладините организации и Општините од регионот, а главната манифестација ,,Делчево Фест 2023″ и годинава ќе се одржи во месец септември

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*