Трета работилница од смарт-проектот на НВО ,,КХАМ” Делчево

Во рамки на смарт проектот  ,,Инспекторите во служба на граѓаните” денес во Делчево се одржа третата едукативна работилница на која присутните се запознаа со работата на градежниот и сообраќајниот инспектор. Преку оваа работилница како што истакна координаторот на проектот Зоран Биковски главен акцент беше ставен на навременото адресирање и пријавување на проблемите до соодветните инспекторати.  

-Наши учесници на третата работилница се Градежниот и Сообраќајниот иснпектор, исто така имаме претставник од Одделението за Урбанизам при Општина Делчево. Целта е граѓаните да се запознаат што е тоа што го работат инспекциски служби во рамки на Локалната самоуправа, како да ги адресираат  проблемите и кои се причините со кои се соочуваат граѓаните. Знаеме дека имавме и поплави и невреме и токму затоа граѓаните треба да знаат каде да се обраќаат, на време да се обраќаат, проблемите и предизвиците да се решаваат пред да настане проблемот и колку време треба да чекаат откако ќе пријават, рече Биковски.

Како дел од проектот НВО ,,КХАМ” ќе даде финансиски инпут во решавањето на два значајни проблеми, кои ќе бидат посочени од страна на учесниците  

-Тоа ќе биде еден вид финансиска инјекција за решавање на некои помали проблеми. Истотака ги повикуваме и останатите граѓани на време да пријавуваат проблеми, затоа што работата на инспекциските служби е да превенираат, да решаваат навремено да бидат отворени за сите граѓани и на тој начин да се спречат последиците од кататстрофи поплави и слично, додаде Биковски.  

Еден од проблемите кои на денешната работилница беа посочени до сообраќајниот инспектор на дел од учесниците е брзото возење во населбата Ново Делчево, за што беше предложено поставување на „лежечки полицајци“. Исто така инспекторите најавија дека многу скоро ќе биде решен проблемот со непостоењето на автобуска линија од Делчево до Скопје и поголемите градови, проблем кој повеќе години ги мачи жителите од делчевскиот регион.   

Проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните” се реализира со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Невладината организација КХАМ од Делчево истиот го имплементира преку Центарот за промоција на Цивилното друштво (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) како дел од регионалниот проект СМАРТ Балкан Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*