
Жителите на беровското село Русиново повеќе години мака мачат со наплив на полжави, алармираат жители на селото. На почетокот ваквата појава не претставувала голем проблем, но се поголемите штети кои се забележани во бавчите и дворовите на мештаните, беа причината за нивен аларм кој според жителите треба да биде насочен кон преземање мерки за спречување на штетите и појава на зараза кај населението.

Штетата тврдат тие годинава е најголема на на градинарските производи компир, патлиџан, праз, лук, кромид што според нив е голем проблем, бидејки секој се мисли дали повторно да засадува, имајки ја предвид настанатата штета.

-Имаме навистина голем проблем со обилна појава на присуство на полжави. Појавата константно е забележлива во последните 4 години, но последните година две станува алармантно. Се плашиме ,,Не дај Боже” да не фати некоја епидемија. Порано најмногу ги имаше покрај реките и ендеците ама сега и по дворови на луѓето, меѓу цвеќиња, фолии…Страшна е состојбата ги има и накај Берово, во горниот дел од селата се позабележливи, велат жители на Русиново.

Полжавите како што додаваат тие се најмногу приустни после роса и дожд, на сонце ги има послабо, но вечерта по смрачувањето велат дека глетката е страшна.

– Ова не е проблем само на поединец, прашајте било кој од Русиново сигурно ќе ви потврди за проблемот. За да се решиме од проблемот порано стававме кеси со сол, но полжавите многу брзо се размножуваа, лигавата материја која ја пуштаа изгледаше како пајажина. Друга превентива ни беше еден препарат за кој велат дека е многу отровен, го стававме со доза на страв, по контакт со полжавите тие се сушеа и затоа не сакаме повторно да ставаме од тој препарат, бидејки може да биде опасно и по луѓето, додаваат Русинци.
Бидејки досега не нашле решение за проблемот апелираат соодветни лица да извршат соодветен инспекциски надзор за правилно да се реши проблемот без штета по градинарските производи и последици по здравјето на самите жители.
Leave a Reply