Тркалезна маса во рамки на смарт-проектот ,,Инспекторатите во служба на граѓаните”

Општина Делчево повеќе од седумгодини нема раководител на Одделението од инспекциски надзор и затоа повеќе од итно е потребно негово назначување, со цел побрза реакција на барањата на граѓаните. Ова е една од клучните препораки која беше донесена на денешната тркалезна маса во Делчево, која се одржа во рамки на завршниот настан од проектот ,,Инспекторатите во служба на граѓаните”. Проектот од страна на невладината организација  „КХАМ“ се  спроведува во рамки на СМАРТ Програмата за Западен Балкан.

Координаторот на проектот Зоран Биковски истакна дека во рамки на проектот е направена и анкета со граѓаните, а резултатите од истата според него загрижуваат бидејки дури 50 проценти од заедницата не ги знаат надлежностите и улогата на самите  инспекторати.

-Денес присуствуваме на тркалезна маса на која покрај граѓаните присуствуваат и самите инспекторати. Можеме да кажеме дека за минатата година ова беше еден од најсериозните проекти кои се имплементираа во Делчево, затоа што во однос на истражувањето кое го имавме дури 50 проценти од заедницата или граѓаните кои живеат во Општина Делчево не ни знаеја кои се инспекторатите, нити која е нивната улога. Денес можеме да кажеме дека состојбите како малку да се променети, дека ги имаме маргинализирано граѓанските организации и граѓаните кои активно поднесуваат претставки, меѓутоа постојат се уште сериозни слабости, рече Биковски.

Од самото истражување произлегоа повеќе препораки кои како што додаде координаторот, се од огромна важност за подобро функционирање на заедницата.

-Дел од препораките како што кажавме се да се постави раководител на Инспекциски надзор, бидејки знаеме дека седум или осум години нема одговорно лице, каде може да се пожалите. Во таа насока бидејки немате одговор од самиот инспекторат, препораката е да можеме и по електронски пат да поднесуваме претставки и да добиваме одговор, тоа посебно важи за лицата од руралните средини. Да се подобри работата на електронскиот систем на општината кој воопшто не работи или не се ажурира, потоа да имаме одговорни Совет за инспекциски надзор и државни инспекторати кои ќе одговараат доколку поднесете претставка, додаде Биковски.

Меѓу главните нерешени барања на тркалезната маса беа посочени и повторното воспоставување автобуска линија Делчево – Скопје и обратно. Истот така беше побарано акцент да се стави на поголема ажурност на инспекторатите со цел елиминирање на големиот број дивоградби кои го загрозуваат начинот на функционирање на Општина Делчево и на крај чиста и здрава животна средина. Најважната оцена според присутните е граѓаните да добијат активни и услужливи инспекторати кои ќе бидат достапни на терен, заради поефикасни услуги на локално ниво.На крај од настанот координаторот Биковски заврши дека без разлика што овој СМАРТ проект завршува, истиот во соработка со граѓанските организации и понатаму ќе биде активен се со цел граѓаните да добијат сериозни и одговорни инспекциски служби. 

Проектот „Инспекторатите во служба на граѓаните” се спроведува со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Центарот за промоција на Цивилното друштво (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*