Во с.Драмче одбележан денот на лозарите ,,Св.Трифун”

По повод големиот празник Свети Трифун, во духот на православието, во делчевското село Драмче, продолжи традицијата на закројување на лозјето. Во чест на денот на лозарите свештено лице од црквата „Успение на Пресвета Богородица” го благослови лозјето за плодна и бериќетна година, а присутните имаа можност да дегустираат од домашно произведеното вино во винарија Јанковски.

-Овде сме и годинава да го одбележиме  празникот Св.Трифун кој е заштитник на сите кои имаат овошни и лозови насади. Имаме гости од повеќе места кои сакаат да учествуваат во оваа традиција. Од година во година има се повеќе заинтересирани. Иако овде немаме некој поголем насад, сепак традиција е да се закрои лозјето на овој ден. Во чест на празникот ја отворивме и првата бочва од пред четири години кога започна со работа мојата винарија, вели Кирчо Јанковски, винар од с.Драмче.

Ванчо Павловски од Делчево кој учествуваше во денешното закројување вели дека кога се закројува лозјето тоа треба да се направи на соодветен начин со цел родот да биде добар.

Тој појаснува дека во кроењето секој пат треба да се остави кондир (зрел ластар скратен најчесто на две пупки и да се остави ластарот за род (лак), кој може да има пет до 12 пупки, зависи од сортата и условите за одгледување.

Овој крај, како што додаде тој, поради поголемиот број топли денови во годината е поволен за производство на квалитетно грозје, а со тоа и квалитетно вино.

За оние што се добри дегустатори во склоп на винаријата Јанковски има изградено и сопствена димница, па така присутните денеска освен во добро вино, уживаа и во вкусот на димено месо. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*