Се уредува пристапот до месноста ,,Скокото” во с.Габрово

Во делчевското село Габрово се уредува пристапот до месноста ,,Скокото” каде мештаните секоја година се собираат за пранзикот Ѓурѓовден.

За таа цел група жители од селото го поплочуваат теренот до самото место, каде извираат три води, кои народот често ги посетува, а за кои се верува дека имаат лековити својства. 

-Се организираме секој викенд група на работници од селото за да го поплочиме самото место, да не се гази кал и за да е чист пристапот до самото место. Акцијата е самоиницијативна, но имаме слаб одзив, односно слаба заинересираност за помош и од други лица. За поплочувањето користиме камењата од плочите кои претходно се наоѓаа во Градскиот парк во Делчево кој се реновираше. Се надеваме дека до Ѓурѓовден ќе биде завршена работата, вели Горан Анакиевски, главен иницијатор за доуредување на месноста.

Водите кај месноста ,,Скокото” извираат од три места собрана од виспките карпи кои се наоѓаат во близина.

-Водата не е јака, тече капка по капка, не престанува и лете и зиме. Инаку кажуваат дека лекува очи и нозе, доста е посетено, но треба да се исчисти да се дотера. Обично тука се собираме за Ѓурѓовден, но нема параклис и затоа се собираме само тогаш. Во зависност од можностите може и манастир да се изгради, се зависи од здравјето и вољата на луѓето, додава Анакиевски.

Како учесник во акцијата заедно со неговите помошници се заблагодарија на досегашните донатори со чија помош е изграден мал помошен објект каде се служи ручекот. Апелираа во викендите кои следуваат да се вклучат што повеќе волонтери, за уредувањето да заврши до Ѓурѓовден.

Месноста ,,Скокото” е осветена од црковните старешини, со нивен благослов се планира  поставување на повеќе икони и крст, а местото кое се наоѓа над с.Габрово може да се посети во секое време. ,,Скокото” е месност каде луѓето над каменот каде тече водата, порано пронаоѓале голем број на артефакти, а по самиот терен се верува дека има поминато и славниот патеписец Евлија Челебија, за што постојат некои пишани документи.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*