Интервју со Борче Димитровски од Природна Перспектива – геодезични куполи и нивна примена

Во селото Стар Истевник деновиве се одржа семинар за геодезични куполи. Семинарот се одржа под експертиза на СФЕРИКА Геодезични Куполни Градежи – Spherica Domes, а со поддршка на @V a l i u m C a f e Делчево.

За таа цел направивме онлајн интервју со Борче Димитровски од Центарот за одржливи практики ,,Природна Перспектива”, кој ни објасни нешто повеќе за самиот семинар и вештините за градење геодезични куполи, од кои една веќе го крунисаа дворот на Природна Перспектива во Стар Истевник.

Делчево365: Центарот за одржливи практики на Природна Перспектива беше домаќин на дводневен настан. Како што можевме да прочитаме и во самиот настан и на некои портали станува збор за семинар за геодезични куполи. За каков семинар станува збор, кој го водеше семинарот и која беше неговата цел.

Борче Димитровски (Природна Перспектива):

Семинарот беше воден од страна на Генчо Генчев основач на Сверикал во Бугарија. Со него се имаме запознаено на фестивалот Беглика, каде нивната фирма имаше изложено неколку куполи и уште тогаш разменивме неколку идеи и мислења за тоа што претставуваат куполи и на кој начин тие се градат. Оттаму дојдовме до идеја да го поканиме овде во Македонија, да одржи семинар и кај нас, за да се запознаеме повеќе со овој тип на градба.

Делчево 365: Геодезични куполи за некој што прв пат чита е новост. Кажете ни што се тоа геодезични куполи, за што најчесто се користат, каков материјал е потребен за да биде совршена една купола и кои се придобивките од истата ?!

Борче Димитровски (Природна Перспектива):

Куполата во градежништвото како градба е позната на човештвото од дамнина. Уште од праисторијата луѓето имаат градено ваков тип на градби независно дали е тоа за храмови или други потреби. Во модерно време како што ни кажа и самиот предавач Генчо, во средината негде на дваесеттиот век во Европа и Америка се појавува еден нов бран, за изградба на нов тип на куполи кои што се нарекуваат геодезични. Самата идеја е да се искористи предноста на триаголникот како најцврста форма позната во геометријата и истата да се интегрира во една сфера која што нема почеток и крај и има најрамномерен распоред на силите. Така се доаѓа до оваа геодезична купола, конструкција која што во геометријата е позната како пет-оскова симетрична форма. Куполите може да се користат за било што во зависност од тоа што сакаме да постигнеме.

Самата идеја на геодезичната купола е формата со која е направена и без разлика од кој материјал е направена таа ќе ги има квалитетите на стабилна и цврста форма. Во зависност од материјалите може да се направат од шатори како во форма на геодезична куполи, па се до куќи во форма на цврсти куќи кои би служеле за домување. Значи може оранжерии, летниковци, значи секој тип на градба што е познат може да се трасформира во куполна форма. Придобивките како што кажав се многу се цврсти, отпорни се на земјотрес не може да ги урне, од надворешни влијанија самата форма дава рамнмерно распоредување на притисокот од ветар, дождови снегови, може да издржи неколку пати поголема тежина од конвенционалната коцкаста куќа. Нашиот експерт ни објасни дека кај конвенционалните покриви на 2 или 4 краци можат да издржи до 300 килограми снег на метар квадратен, а овде тоа би било до 1 тон кој не би претставувал товар на самата конструкција.

Делчево365: Во Истевник геодезичната купола е висока 6 метри, зошто баш 6 метри и дали тоа беше макета или истата ќе ви користи и за понатаму во сферата на вашето делување?!

Борче Димитровски (Природна Перспектива):

-За куполата што ја изградивме кај нас земавме размер од 6 метри, прво затоа што самото место во дворот го дозволуваше тоа. Друго кога го изучувавме самиот дигитрон или алатка со која се конструираат куполите во размерот видеовме дека ќе имаме многу комотна врата во висина од два метри. И самит експерт ни посочи и ни даде насоки како да размислуваме и сето она на што треба да обратиме внимание при изработката на конструкција. Кога веќе видовме дека имаме простор и ќе можеме да го искористиме понатаму како сала за семинари, сала за состаноци, јога сала, одлучивме дека овој простор во дворот да го искористиме и да го направиме едно убаво куполче. Нема некоја посебна симболика освен тоа што како што кажав се искористува рационално просторот во дворот, се добива купола со димензии кои ќе одговараат, се отвори врата од два метри, бидејки доколку беше пет метри таа ќе беше ниска. Самиот семинар беше наменет и за тоа за луѓето кога ќе се одлучат да почнат да прават да не прават грешки кои веќе некои кои се занимаваат со овој тип на градба веќе ги имаат направено. Ние го послушавме експертот и така дојдовме до куполата која сега го краси нашиот двор.

Делчево365: Што за вас, па и за самите учесници значеше овој семинар и дали може да се очекува некој сличен во наредниот период ?!

Борче Димитровски (Природна Перспектива):

За нас овој семинар претставуваше прв семинар организиран со Природна Перспектива во соработка со Валиум Кафе кои ни потпомогнаа во покривањето на трошоците за експертот и некои материјали. Ова претставува прв семинар кој не е со некоја донација од европски фондови и сме благодарни на сите учесници кои го потпомогнаа семинарот со учество. Имаме чувство некако како да го положивме првиот испит дека Природна Перспектива ќе може да се фокусира да организира настани и семинари насочени во одржливите практики и истите тие настани да бидат базирани и финансирани согласно потребите на самите учесници кои ќе бидат дел од овие настани. За учесниците како што и самите најавија ова беше добро пополнет викенд, тие и самите учествуваа доста смело во овој семинар во изградбата на самата купола и сите имаат доста добри впечатоци од тоа што постигнавме како резултат од куполата. За време на семинарот пробавме малку на луѓето од страна да им ја промовираме нашата гастрономија и имавме помош од локалните жители кои ни помогнаа во подготовката на баници, понудата на сирење, кисело млеко, а тука беше и рибник Желевица кој со својата прекрасна риба ја надополни нашата трпеза, така да семинарот помина прекрасно и сите беа задоволни од тоа што се случи.

Делчево365: За крај на ова мини интервју ако има нешто што не ве прашавме и една порака до љубопитните кои се заинтересирани да учествуваат во ваков или аличен проект

Борче Димитровски (Природна Перспектива):

За крај би рекол дека Природна Перспектива стои отворена за соработници и посетители и сите вљубеници во природата и луѓе со идеи за одржливост и оджлив развој што сакаат да дојдат да не посетата и да ни се приклучат. Нека дојдат слободно да не контактираат за ваки и слични идеи кои сакаат да ги реализираат во нашиот центар. Во иднина сакаме да развиваме повеќе семинари луѓето да имаат информиран избор, на тој начин секој да може да дојде до тоа што го бара во животот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*