Во Делчево денес се одржа завршниот настан од „Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево“, финансиран од Владата на Швајцарија, Владата на Република Северна Македонија и општина Делчево.
На настанот во присуство на заменик министерката за животна средина Ане Лашкоска, Амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Вероника Хулман и други официјални лица вклучени во реализација на проектот беа споделени резултатите од неговата реализацијата на проектот, со официјално пуштање во употреба на прeчистителната станица за вода за пиење во с. Тработивиште, активност со која жителите на Општина Делчево добиваат чиста и квалитетна вода за пиење.
Главна цел на проектот е воспоставување модерен и проширен водоснабдителен систем, редовно и квалитетно водоснабдување, како и подобрено работење на ЈКП „Брегалница“ Делчево.

Заменик министерката Лашкоска изрази благодарност до Амбасадата на Швајцарија која е партнер на нашата држава веќе 30 години инвестирајки во делот на животната средина, не само со финансиски средства туку и со знаења, експерти итн.
-Задоволство е денес да се биде присутен на целосно завршување на еден огромен проект кој што е од големо значење на жителите на Општина Делчево. Заеднички проект на Владата, Швајцарската амбасада и Општина Делчево. Јас сум убедена дека во идниот период ќе бидеме сведоци на уште многу заеднички проекти помеѓу Швајцарија и нашата држава на територијата на цела Македонија во интерес на нашите граѓани, за подобрување на животот, здрава вода и мислам дека во идниот период особено ќе се насочиме на решавање на проблемите со водата, рече Лашкоска.

Швајцарската амбасадорка Хулман имаше прилика да го посети резервоарот Чука, административната зграда која се реконструира, како и пумпната станица во Ново Делчево. Извршувајќи увид во активностите на споменатите места потенцираше дека сите активности што биле планирани се успешни завршени.
-Тука сме сега кај филтер станицата, која навистина изгледа одлично и е во функција.
Овој проект е заеднички проект кој што беше направен во партнерство со Општината, министерството, јавното претпријатие и секако Швајцарската помош. Драго ми е дека сите оние цели кои што се планирани се постигнати. Ми кажаа дека самата вода е со многу добар квалитет. Јас само што испив чаша вода и можам да ви кажам дека навистина е така. Она што е важно за овој проект е да продолжи Општината и Јавното претпријатие да обезбедува добра услуга за граѓаните да може да ги одржува сите овие објекти и да биде во функција за доброто на граќаните и уште подобар живот. И уште само да дополнам, ќе ја посетиме и фотоволтаична централа која ќе обезбеди енергија за сите овие потреби кои што ги има самата пречистителна станица, но исто така и целиот систем за водоснабдување, рече Улман.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски посочи дека во изминатите 7 години колку што е на функцијата денес е неговиот најсреќен ден, не само како градоначалник туку и како личност.
Изрази задоволство што сите пријатели на оваа успешна приказна денес се во Делчево, што според него покажува дека како држава можеме да имплементираме огромни проекти, значајни за граѓаните, заедно со Швајцарската конфедерација, Министерството за животна средина, нашата Влада и локалните самоуправи.
-Посакувам ваквите значајни и успешни проекти да има и во сите други градови во Македонија, односно сите ние со наше залагање да го подигнеме квалитетот на живот на сите наши граѓани.Ова е историски најголемата инвестиција во нашата Општина Делчево и вклучително овде и населените места по финансиска конструкција, но суштински ова е и највредниот проект кој е реализиран. Затоа гледаме пофални зборови даваат и Министерската и амбасадорката за тоа што проектот од почеток има успешен крај. Верувам дека тоа ќе остане за генерации по нас и сите да се трудиме вакви капитални проекти да реализираме за да можат нашите луѓе овде да живеат овде да творат и да ги воспитуваат идните генерации, подвлече Трајковски.

Проект за подобрување на водоснабдувањето во Делчево како што беше кажано во излагањето на официјалниот настан е финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (СЕКО) со 7,5 милиони швајцарски франци,
Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија со 1,5 милиони швајцарски франци и Општина Делчево со 40.000 швајцарски франци
-Проектот се состои од повеќе компоненти меѓу кои изградба на пречистителна станица за вода за пиење во близина на с.Тработивиште, Изградба на нова фотоволтаична централа (капацитет 250kWp), која покрива 65% од потребите на станицата, Рехабилитација и надградување на водоснабдителниот систем во Делчево која вклучува: изградба на нов резервоар за вода во месноста Чука, изградба на две нови комори за вентили, изградба на нова прекидна комора, реконструкција на постојната комора за вентили и постојната прекидна комора, реконструкција и надградување на пумпните станици во бунарските полиња во Тработивиште и реконструкција на постојниот резервоар „Ѕвегор“ за потребите на водоснабдувањето на Делчево, беше кажано на завршниот настан.

Истиот опфаќа и проширување на мрежата за водоснабдување со изградба на водоснабдителни системи во селата Ѕвегор, Габрово и Вирче, како и реконструкција на административната зграда на ЈКП Брегалница во Делчево.
Во делот од проектот за корпоративен развој на Јавното претпријатие Брегалница Делчево вклучена е надградба на системот за наплата и сметководство, редовно и прецизно читање на водомерите со помош на мобилен телефон, ажурирање на базата на податоци за 5000 корисници, формирање Центар за услуги на корисниците, трансфер на знаење и различен тип на обуки на персоналот (комерцијална ефикасност, бизнис планирање, обуки за поединецни модули, но и обуки за мотивација, комуникација, лидерство итн.)
За потребите на проектот водено е сметка и за односи со јавноста и подигање на свеста преку голем број настани, натпревари,информативни флаери, вклучително и веб-страница www.jkpbregalnica.mk со овозможено електронско плаќање на сметки, и внесување на состојба на водомер од страна на корисниците.

Leave a Reply