Здружението ,,Амброзија” од Пехчево ќе реализира проект за зачувување на стари сорти овошки

Здружението ,,Амброзија” од Пехчево започнува со реализација на проектот за зачувување на стари сорти овошки во прекуграничниот регион Малешево и Беласица кои спаѓаат во подрачја со богата биоразновидност на животинскиот и растителниот свет. Проектот како што информираше Јасминка Пашалиска Андоновска од здружението „Амброзија“ ќе се реализира во соработка со здруженијата Биоматера од Бугарија и Македонско еколошко друштво, со точно прецизирани активности кои ќе се реализираат во наредните 18 месеци.

-Прекуграничниот регион на Малешево и Беласица има огромни потенцијали од аспект на био-разновидност на растителен и животински свет. Овие подрачја се дел од европскиот зелен појас и дел од заштитените подрачја. Тоа е причина што во партнерство со Био-матера од Бугарија и Македонско еколошко друштво отпочнавме проект на зачувување на старите видови овошки во Малешево и Беласица. Од таа причина ќе направиме истражување кои се тие стари видови на овошки, понатаму ќе направиме нивна инвентаризација и начин на нивна конзервација, односно начин за нивна конзервација за да сепродолжи традицијата за негување, истакна Пашалиска Андоновска.

Паралелно со истражувачкиот дел во рамки на проектот предвидени се и активности за подигање на јавната свест помеѓу населението за значењето на овие овошки за биоразновидност.

-Посебен акцент ќе биде ставен на едукација на младите за економските придобивки од користењето на овие  овошки што и тоа како е значајно за овие региони, додаде претседателката на пехчевското здружение.

Проектот ќе се реализира со финансиска подршка од ЕУ.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*