Освојувајки ја ГРАН ПРИ наградата, како и наградата за најдобра сценска изведба, членовите на ЗФГ КОПАЧКА с. Драмче, Делчево, со нескриени весели емоции се вратија од МФИФ „Тодорица 2025“, што се одржа на 08.03.2025 во Свети Николе.

Со бурни аплаузи, публиката го поздрави претставувањето на ЗФГ ,,Копачка” кое се состоеше од:
• Обичај „ТОДОРОВДЕН“, во кој сцената ја претфоривме во собориште, на старовремски пијанечки собор, за православниот празник Тодоровден, а во позадина се пее песната „Тодоро, млада невесто“.

Неколкуте млади невести од селото, што се омажиле во претходната година со своите свекрви и ги подредуваат колаците од погачи и баници. Дејствието се одвива според стиховите што се пеат во песната. Суштината е во тоа што свекрвата ја подучува снаата што да прави на соборот.

Во песната се објаснува како на оваа црква за „Тодорица“, ќе дојдат и други невести од селото и таа со другата млада невеста да се штипнат и подритнат, а симболиката е во тоа што штипнувањето го претставува зачнувањето, а ритнувањето, чинот на самото раѓање.

Подучени од свекрвите, невестите застануваат пред колаците со грб една со друга и се подритнуваат наназад. Зависно од тоа која колку пати ќе ја достигне другата да ја ритне, се одредувало колку ќе биде плодна- колку рожби ќе му донесе на семејството. А онаа која била најбрза, најлесно ќе ги донесе децата на свет.

Се поткадува со темјан и се раздаваат колаците. Потоа ја играат ороводната песна „Тодоро, мари Тодоро“. Свекрвата во обичајот е Вида Илиевска, а снаата Матеа Стојановска.

Двогласното пеење е на: Рајна Ивановска, Соња Телетанска и Перса Стојановска.
Ова е еден стар пијанечки обичај кој е веќе подзаборавен.
• Во продолжение се изведува мешано соборско оро „Циганчица“ во придружба на гајда со Звонко Илиевски, а по него езгија на тапани, со што симбилично се повикуваат соборјаните на оро.
• И изведба на машкото соборско оро „Копачка“ на тапани со Адријан Стаменовски, Матеј Миленковски, Николче Петровски и Дарко Златковски, оро кое претставува светско културно наследство заштитено од УНЕСKO, впишано во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото.

Од ЗФГ ,,Копачка” с.Драмче, Делчево изразија благодарност до Општината Свети Николе и НУЦК, за поканата и за прекрасната организација на фестивалот, како и на Министерството за култура и туризам за покривањето на патните трошоци за оваа гостување.





Leave a Reply