А кој го креира системот? Овој сегашниот во кој ние ги собираме плодовите е засаден во време на нашите родители, тие биле истите кои премолчувале криминал, давале мито, се вработувале партиски, биле неми пред големите газди, премолчувале неправди оти нели наведната глава сабја не ја сече.
Ако ги прашате зошто, како алиби ќе ви кажат за да обезбедат финансии за децата, за факултет, за стан во Скопје, за полесно да се вработат, сума сумарум за посигурна иднина. Ама финансиите не значат сигурна иднина, не те прават похрабар, позрел, посреќен, посигурен, попаметен…
Пред некој ден слушам татко раскажува за синот, цитирам: -А бе викам му набутај се тамо додека са на власт барем да си на сигурно. И остани си у Скопје, што ќе прајш тука сите избегаа од тука”…!
Го гледам и си мислам, пак тоа набутај се додека е партијата на власт, искористи, земи решение, после никој ништо не ти може, па клати врата земај плата. Со таа плата што татково ја имал на времето и ја ранел фамилија сега син му неможе двапати во кафана да влезе. Син му не барал ајфони и коли, твоите внуци сега ќе му бараат.
И ова остани си у Скопје. У Скопје ќе си посреќен, ќе трчаш цел ден низ гужви, ќе плаќаш кирии, ќе дишеш најзагаден воздух во светот, децата ќе ти растат во 4 ѕида.. наместо да си растеретен од стрес, на чист воздух, во свој дом со голем двор, со сигурна улична игра на децата… Тоа ја прави среќата или игротеките, моловите и широките булевари ?
Добро кој родител ова му го мисли на детето? За да го гледа двапати во месецот, ама да е во големиот град? Ако избегаа сите поарно и син ти да бега подалеку од овој систем. Не во Скопје. Како Кили на пример, на Еквадор.
И сега ќе кажете не е се така и не се сите исти. Не се, ама една цигла не прави куќа.
Горки се овие плодови кои ги собираме ние сега. Горки се сите ситуации кои секојдневно ги гледаме, немоќни да делуваме. Налет и пари и кариери и се материјално кога не сме среќни и безбедни.
И сега системот ни е крив. Едно време и Бранко беше крив.
Некој мора да е крив.
А систем ко систем. Трул.
*Текстот е коментар и личен став на авторот кој е познат на редакцијата

Leave a Reply